Утрински Весник
Македонија

Дивите копачи со години го уништуваат културно-историското наследство во Пијанец и регионот

Дивите копачи со години го уништуваат културно-историското наследство во Пијанец и регионот

Делчево, 26 април 2020 (МИА) – Последниот случај со уништување на локалитетот Виничко Кале од страна на т.н. диви копачи, го врати интересот за дивите копачи кои во последните 30 години се активни и на подрачјето на општина Делчево. Кустосот Славчо Десподов, кој е поранешен раководител на музејската поставка во Делчево, вели дека Пијанец, територијата на која се наоѓа Општина Делчево, е богато подрачје со културно-историски локалитети кои отсекогаш биле предмет на ископување на дивите копачи.

-Сите артефакти кои досега се пронајдени на територијата на Пијанец се наоѓаат во музејската збирка во Делчево која брои над 1.000 стари предмети. Музејската збирка и артефактите се од ископувањето од 2001 година. Сепак, мора да кажеме дека и пред тоа и сега активно работат овие диви копачи кои ги уништуваат археолошките локалитети. Тие се активни 20-30 години наназад, со што историјата е препуштена на самите нив и на времето на уништување на сите овие предмети, кои за жал Македонија нема слух да ги заштити и да ги презентира пред светот, истакнува Десподов.

Како еден од најпознатите случаи на диво ископување што се случи пред неколку години и за кој беше запознаена и македонската јавност, Десподов го посочи дивото ископување на тунелот кај село Бигла.

-Тунелот во Бигла според сите сознанија е граден за време на Втората светска војна, како тунел за железничката пруга Македонија – Бугарија. И во тој тунел се сметаше дека има закопано злато и се работеше повеќе време на негово пронаоѓање. Меѓутоа имаше муабети, односно луѓето не се на чисто дали е нешто најдено или само работеа на ископување во тунелот. Тогаш знам оти беа ангажирани и механизација и специјална полиција за чување на локалитетот, меѓутоа што е најдено, како и дали е најдено, се уште нема соопштение за тоа, додаде Десподов.

Тунелот сега е „заровен“ и покриен, додека мистеријата дали е нешто најдено се уште останува тајна за обичната јавност. вс/мч/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Средба на Сиљановска-Давкова со Луис Гарсија Монтеро, директор на Институтот „Сервантес”

Сопственичка на кравите од Кривопаланечко заработи кривична, им се заканувала на инспектори од АХВ

Малолетници нема да смеат да возат електрични тротинети, поднесени се законски измени