Децата кои бегаат од Украина за време на руската инвазија се во опасност да станат жртви на трговија со луѓе, изјави денеска еврокомесарот за миграција, Илва Јохансон.
Јохансон на прес-конференција во Естонија изјави дека околу половина од 3,3 милиони Украинци кои побегнале во земјите на ЕУ од почетокот на војната се деца, а се очекува и повеќе.
Украина има голем број сирачиња и деца родени од сурогат мајки кои не биле прифатени од нивните родители, а тоа го зголемува ризикот тие да бидат киднапирани или да станат жртви на принудно посвојување, рече еврокомесарот.
„ Постои огромен ризик ранливите деца да бидат жртви на трговија со луѓе“, нагласи Јохансон.
Таа напомена и дека досега имало многу малку деца без придружба регистрирани на границите на ЕУ, а само неколку пријавени случаи на трговија со луѓе.
Сепак, полициските сили, активистите и украинските невладини организации укажуваат на некои алармантни случаи, рече Јохансон, истакнувајќи дека во претходните ситуации на масовна миграција, ваквите злоупотреби биле вообичаени.