Утрински Весник
Свет

Десет години од масакрот на Брејвик кој влезе во историјата како најголем терористички напад во Норвешка

Десет години од масакрот на Брејвик кој влезе во историјата како најголем терористички напад во Норвешка

Пред точно десет години, масовниот убиец Андерс Брејвик уби 77 лица во Осло и на островот Утоја во Норвешка.

Норвежанецот Брејвик ладнокрвно уби 69 млади луѓе, а најмладата жртва имаше само 14 години. Многумина од нив ги убил од непосредна близина.

Брејвик го изврши првиот напад врз зграда во близина на владата, каде уби осум лица.

Непосредно пред крајот на работното време, нешто пред три и пол попладне, страшна експлозија го потресе таканаречениот владин кварт во Осло, веднаш до Кабинетот на премиерот.

После тоа, тој го продолжи крвавиот масакр што ќе остане запаметен во историјата како најтешкиот терористички напад во Норвешка.

Откако постави бомба во центарот на Осло, Брејвик замина на островот Утоја, каде уби 69 претежно млади луѓе.

Во идиличната околина на островот Утоја, тие не знаеја ништо за настаните во Осло, оддалечени четириесет километри од градот.

Покрај 77 мртви, во нападите беа повредени најмалку 242 луѓе.

Брејвик беше осуден на највисоката можна казна во Норвешка, на 21 година затвор.

Тој ги шокираше сите присутни на судењето со грозоморен опис на масакрот што го изврши.

Меѓу присутните во судницата беа и преживеаните од масакрот кои плачеа прегрнати слушајќи го убиецот, а неговото сведочење во окружниот суд во Осло беше пренесувано во живо во уште 17 судници каде беа собрани семејствата на жртвите.

Судењето започна на 16 април во Осло, а неколку дена подоцна, 33-годишникот детално опиша, без да изрази никакви емоции, како пукал во младите лабуристи во Утоја 75 минути.

Брејвик оцени дека неговите жртви биле „легитимна мета“, бидејќи тие биле членови на политичка организација која, како што рече, го изложила норвешкото општество на ислам и мултикултурализам, што ќе им овозможи на муслиманите да ја освојат Европа.

Можете да прочитате

Зеленски назначи нов командант на копнената војска

Најголемиот електричен авион ќе полета следната година

Израелската армија објави дека цел на напад бил јужен Либан