Утрински Весник
Македонија

Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј одбележан во Рим

Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј одбележан во Рим

Рим, 24 мај 2020 (МИА) – Во чест на Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј, 24 Мај, денеска во базиликата Сан Клементе во Рим, делегации на Република Северна Македонија и Република Бугарија, положија цвеќе на гробот на Св. Кирил.

Делегациите, како што информираат од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, ги предводеле вршителите на работи во амбасадите на Република Северна Македонија при Светиот Престол и Република Италија, Александар Спирковски и Магдалена Димова, како и нивните хомолози од бугарска страна, амбасадорите Богдан Паташев и Тодор Стојанов. Беа присутни и вработените во амбасадите, а на делегациите им посака добредојде отец Стивен Хачинсон, јереј во базиликата Сан Клементе.

Шефовите на делегациите одржале кратки пригодни говори, при што било истакнато одбележувањето на 1151-вата годишнина од смртта на Св. Кирил во Рим, неговиот историјат, значењето на светите браќа просветители за целокупната словенска писменост, но и за историјата и доближувањето на македонскиот и бугарскиот народ, како и основата што ја создаваат за градење на добрососедските односи и во иднина.

Од страна на македонската делегација на гробот на Св. Кирил е положен венец во име на претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, како покровител на годинешната манифестација – Денот на Св. Кирил во Рим, а сите присутни дале пригодна почест и на олтарот во базиликата, каде денес е положен фрагмент од моштите на Св. Кирил.

Заради актуелната состојба со пандемијата на Ковид-19, традиционалните манифестации поврзани со одбележувањето на Денот на Св. Кирил во Рим, се одложени за подоцна, во текот на годината, се вели во соопштението од Кабинетот на Пендаровски. аа/рп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

На странски државјанин му биле откриени непријавени 150 илјади фунти на скопскиот аеродром

Скопјанец осомничен за тешко семејно насилство и наведување на самоубиство

Шукова најави протестен марш – бара оставка од Тошковски