Во Кривичниот суд – Скопје денеска ќе биде објавена пресудата за предметот „Меѓународен сојуз”, каде првообвинет е Бојан Јовановски – Боки 13.
За случајот со невладината организација „Меѓународниот сојуз“ обвинети се и Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13, Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ и Христина Блажевска.
Според обвинителниот акт, во периодот од 8 јули 2017 година до 13 април 2018 година првообвинетиот, како претседател на обвинетата невладина организација Меѓународен сојуз, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, ги искористил документите од посочената НВО и оштетил две лица преку, како што велат од Обвинителството, проекти за кои платиле, а немало намера да се реализираат.
Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата. Оштетените на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност, и тоа 719 905 евра, односно 233 821 евра во денарска противвредност.
Обвинетите негираа вина, а обвинителката побара осудителна пресуда.