Демонстрантите на француската прекуморска територија Гвадалупе на Карибите упаднаа во Регионалниот совет протестирајќи против потврдите за Ковид-19 и задолжителните вакцини.
Претставниците на Гвадалупе и Париз го осудија потегот велејќи дека тој е неприфатлив и претставува закана за демократски избраното тело.
Претседателот на Регионалниот совет, Ари Чалус, се согласил на средба со претставниците на демонстрантите, објави парламентарниот совет на „Твитер“ по упадот во четвртокот.
На фотографиите што локалните функционери ги објавија на интернет, освен соборената елка во собраниската сала, може да се забележат и демонстрантите со транспаренти „Не е задолжително вакцинирањето“ и „’Не’ за санитарната карта“.
Синдикатите и колективот против експлоатација бараат француската влада да се откаже од мерката со која се предвидува суспензија на невакцинираните здравствени работници и неисплата на плати.
Вакцинацијата е задолжителна за сите француски здравствени работници, а потребна е здравствена пропусница за влез во сите ресторани и други јавни места во Франција.
Мерките наидоа на жесток отпор во Гвадалупе и Мартиник, чии жители долго време се огорчени поради нееднаквостите со француското копно.
Бројот на заразени од коронавирусот повторно е во пораст во Гвадалупе, со што беа продолжени и ограничувањата до 6 јануари, кои вклучуваат носење маски на јавни и на отворени места и здравствени пропусници.