Утрински Весник
Македонија

Демократски сојуз: Грешки со историски димензии

Демократскиот сојуз предупредува на процес на сечење на македонските корени преку заедничката комисија за историски и образовни прашања, со што се отвора процес на бугаризација на Македонија.

dobivaj vesti na viber

„Работата на оваа комисија е рефлексија на решенијата содржани во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија со кој се дефинира заедничка историја и формирање на Комисија за историски и образовни прашања. Формулациите за заедничко чествување на Светите Кирил и Методиј, Св. Климент, Св. Наум и Цар Самоил и препораките за менување на учебниците во двете земји кои ги усогласила заедничката комисија, директно го менуваат историскиот наратив во полза на бугарската национална и етничка кауза во Македонија“ порачуваат од партијата.

Демократскиот сојуз оценува дека е неприфатливо со административни комисии и решенија да се менува минатото, со интенција со релативизирање на историските факти да се негира и обезличува македонскиот идентитет. Ова е безуспешен обид на транспозиција на современата свест во далечното минато и погрешно сфаќање на историјата, формирана во периодот на комунизмот.

„Со оспорување на македонските просветители и револуционери кои се дел од КОДОТ на секој Македонец, се негира македонскиот идентитет, неговите корени и иднината. Да потсетиме, тој што нема историја, нема иднина, а токму тоа сега се прави“ велат оттаму и ги повикуваат историчарите од Македонија, од регионот и од Европа и сите прогресивни луѓе „да застанат зад историските факти во одбрана на македонскиот народ и неговиот идентитет, историја, култура и јазик“.

„Договорот е со фабричка грешка, бидејќи поаѓа од наводна заедничка историја која ги поврзува двете држави и нивните народи, но Бугарија под таа формулација подразбира „бугарска историја“. Како држава, треба да ги процениме сите ризици од прифаќање на решенијата на Комисијата за историски и образовни прашања, како и од продолжување на нејзината работа, особено што овие обврски се дел од Протоколот потпишан од министрите за надворешни работи на двете земји и истовремено се составен дел на Преговарачката рамка за нашето пристапување кон ЕУ, кои Бугарија може да ги користи за уцени и блокирање на евроинтеграциските прооцеси на Македонија“ е ставот на Демократскиот сојуз.

Можете да прочитате

Нормализиран сообраќајот за камиони кон „Блаце”, на „Табановце“ се чека околу 30 минути

Повторно одложено судското рочиште за случајот Веапоска на кое требаше да биде презентиран извештајот од супервештачењето

СДСМ: Владата ќе потроши 1,8 милиони евра на кампања за ЕКСПО во Белград, но нема пари за Кочани и за пожарникарите