Утрински Весник
Политички Партии

Демократскиот сојуз: Да гласаме за развој на општините

Демократскиот сојуз: Да гласаме за развој на општините

Демократскиот сојуз ги повикува граѓаните да излезат масовно на 17 октомври и да гласат за Македонија да се движи по патот на европските вредности.

Од таму велат дека дефинираат дванаесет врвни приоритети за развој на општините:

1. Во рок од шест месеци да се донесат генерални и детаљни урбанистички планови на целата територија на државата, со кои ќе се предвидат повеќе локации за градба во согласност со потребите на граѓаните, но и во согласност со урбанистичките, еколошките и безбедносните стандарди. Социјално загрозените семејства да бидат ослободени од плаќање комунална такса.

2. Создавање услови за развој на приватни бизниси, привлекување домашни и странски инвестиции, поддршка на земјоделството, развој на обновливи извори на енергија и гасификација.

3. Обезбедување квалитетна здравствена заштита за сите, а особено за лицата што живеат во руралните средини, чиста вода за пиење и решавање на комуналните и инфраструктурните потреби на граѓаните.

4. Робусна борба против урбаната и комуналната мафија, која остварува огромни профити од нелегално складирање опасен отпад, како и бескомпромисна борба против загадувачите на воздухот.

5. Чиста животна средина, здрав воздух и здрава храна, достапност на лекови за сите социјални категории граѓани, поголема грижа за повозрасните, за лицата со посебни потреби и за социјалните случаи.

6. Конкретни решенија за намалување на сообраќајниот метеж во урбаните средини преку изградба на паркинзи, катни гаражи, надвозници и клучки на крстосниците, воведување ред во работата на угостителските објекти и гласната музика, давање субвенции за автомобили на електричен погон, зголемување на зелените површини и конкретни планови за намалување на ризиците од елементарни непогоди и природни или вештачки несреќи или кризи.

7. Поефикасно справување со последиците од пандемијата и негативните импликации врз економијата, стандардот на граѓаните и финансиска поддршка на компаниите што трпат последици од пандемијата.

8. Формирање урбана полиција, која, меѓу другото, ќе спречува дивоградби, загадување, вандализација на парковите и игралиштата и сл.

9. Намалување на бројот на советници во поголемите општини. Рационализација на општинската администрација, намалување на бројот на административните работници во локалните јавни претпријатија за сметка на финансиска поддршка на занаетчии и професионалци во овие претпријатија и комуналните служби.

10. Поголема вклученост на граѓаните во донесувањето одлуки на општинско ниво преку организирање задолжителни референдуми за сите поважни прашања што го засегаат менувањето на урбаниот лик на градовите и општините, ја загрозуваат животната средина и еколошката рамнотежа и секојдневното живеење на граѓаните.

11. Демократскиот сојуз ќе обезбеди целосна транспарентност на приходите и расходите на општината, при што јавните набавки ќе ги контролира граѓанско тело составено од претставници на невладиниот сектор, медиумите и професионалци/експерти од различни области.

12. На меѓународен план, Демократскиот сојуз ќе соработува со европските демократски партии и партиите од центарот, при што врвен приоритет ќе биде полноправно членство на Македонија во Европската Унија.

Од Демократскиот сојуз велат дека овие приоритети се дел од изборната програма на коалицијата НАЈДОБРОТО ЗА МОЈАТА ОПШТИНА, предводена од СДСМ ,при што за нивна реализација повикуваат да се гласа за кандидатите за градоначалници и советници со реден број 12.

 

Можете да прочитате

Митева: Денешната оставка на Ковачевски е почеток на крајот за СДС и ДУИ

Jana

СДСМ: ДПМНЕ е осамено на проруската агенда, против ЕУ и без коалициски партнери

Jana

Најголемата ИТ компанија во Македонија се ребрендира: Сеавус е сега Киншифт