Делчево, 13 мај 2020 (МИА) – Продажба на прехранбени, односно раноградинарски култури и строга примена на мерките за заштита од заразата ковид-19 преку задолжително носење маски, држење растојание од два метри и забрана за групирање. Ова е заклучокот од одлуката за отворање на градскиот пазар во Делчево која едногласно беше донесена на денешниот состанок на Општинскиот кризен штаб во Делчево на кој претставници од надлежните институции ја разгледуваа и состојбата со Ковид-19 во Делчево и мерките кои се преземаат за превенција од заразата.
Согласно одлуката, надлежните дадоа зелено светло пазарот да започне со работа в сабота на 16 мај 2020 година. Според планираното, како што изјави градоначалникот Горан Трајковски, Територијалната противпожарна единица од Делчево ќе врши дезинфекција на просторот и тезгите пред почетокот на пазарниот ден и по неговото завршување, а ќе функционира и редарска комунална служба со засилена полициска контрола.
-Бидејќи состојбата со Ковид-19 во земјава се смирува, посебно во регионот, се донесе заклучок да се отвори градскиот пазар со посебен акцент за строго почитување на мерките за заштита. Во Делчево нема жариште на заразата и во оваа прилика изразувам жалење за смртта на нашиот сограѓанин кој почина од компликации со коронавирусот на клиника во Скопје, каде беше и заразен и каде престојуваше подолго време, а резултатите од тестовите направени на членови на неговото семејство се негативни, рече Трајковски.
Градоначалникот присутните ги запозна со сите мерки и активности кои ги презема Општина Делчево за спречување на појавата и евентуалното ширење на заразата од коронавирусот.
-Општина Делчево досега има дистрибуирано 9700 заштитни маски до институции, месните и урбаните заедници, дистрибуирани се 30 пакети до семејства кои живеат во социјален ризик донирани од Зегин, донирани се 10 таблети од Еколог интернационал Тетово, кои се дистрибуирани во двете основни училишта за ученици кои немаат услови да следат настава на далечина. До Здравствениот дом, ТППЕ Делчево, Гранична полиција и ОВР Делчево е дистрибуирана помошта добиена од д-р Милен Врабевски, која што се состоеше во заштитни средства. Исто така, овој период се формирани месни и урбани кризни штабови, додаде Трајковски.
Во Делчево, како што беше соопштено на денешниот состанок на Кризниот штаб, во самоизолација има шест лица, а поднесени се 54 кривични пријави за прекршување на полицискиот час. вс/вг/