Лос Анџелес, 18 јуни 2020 (/) – Холивудската ѕвезда Двејн Џонсон сподели видео на Инстаграм, во кое прочита писмо на ученичка од средното училиште „Помпано Бич“ на Флорида.
Имено, глумецот требало да гостува во тоа училиште при матурската свеченост и да говори за лидерство, пред генерацијата која продолжува натаму во животот… Но, бил спречен поради корона-епидемијата. А сега, во време на пандемија и протести, „кога државата е на колена“, девојчето по име Лорејн Ангелакос го прашува – каде е кога тие се на крстопат?
„Како и Вие, и јас верувам дека кога една врата се затвора, друга се отвора. Треба само да се собере сила за да се дојде до таа следна врата и да се даде сѐ од себе. Некои од учениците ќе продолжат на колеџ, а некои нема. Некои ќе си најдат работа… Ве сметам за инспирација за нашите млади, треба да нѐ потсетите дека напорната работа, позитивноста и упорноста ќе се исплатат, без оглед колку патот изгледа тежок. Сега кога некои ученици нема да го имаат тој луксуз да одат на колеџ, Вие и тие како како Вас можете да ги инспирирате. Тие го заслужуваат тоа сега, со Вас како нивна инспирација“, вели Ангелакос во писмото.
– Во право си. Апсолутно!, рече глумецот кревајќи го погледот од писмото, уверувајќи ја својата критичарка дека навистина имал намера да дојде кај нив, но бил спречен.
– Но, Лорејн, ти и другите матуранти – вие сте тие што ќе нѐ водите во овие тешки времиња. Вие сте тие што ќе ја нормализираат еднаквоста. Ќе изградиме патека, тоа е и моја одговорност… Но, вие момци ќе ја зацврстите и ќе се осигурате дека така ќе остане засекогаш, нагласи глумецот.
Потоа следеше совет на финансиско поле, каде што глумецот им препорачува на младите да си го следат срцето и својот инстинкт.
– Сите ние треба да станеме лидерот по кого трагаме!, рече Џонсон.
И, на крај, тој им го честита крајот на училишната година на сите матуранти од оваа 2020 година. си/сд/