Скопје, 26 мај 2020 (МИА) – Во изминатите два дена не се регистрирани починати од коронавирусот во државава, а се бележи минимален пад на бројот на заразени, кој вчера достигна 21, а завчера беше 37.
Вкупната број на дијагностицирани со Ковид-19 во земјава од почетокот на епидемијата, изнесува 1.999, бројката на оздравени пациенти е 1.439, на починати е 113, а во моментов бројот на активни случаи во земјава изнесува 447.
Скопје и натаму е на врвот на заболени во државава на дневна основа, но и со вкупниот број дијагностицирани – 725 случаи и 204 активни случаи, а по него следат Куманово со 436 случаи и 35 активни случаи, Прилеп со 210 случаи и 46 активни случаи, Тетово со 177 случаи и 82 активни случаи, Велес со 127 случаи и 41 активен случај…
Во земјата се направени вкупно 25.528 тестирања на Ковид -19. Двајца позитивни на Ковид-19 се откриени во рамки на скринингот на вработените во градинките, а завчера е регистриран и еден позитивен случај во Геронтолошка установа во Скопје.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби вкупно се хоспитализирани 54 пациенти од кои на кислородна поддршка се 20, а на механичка вентилација се тројца пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ вкупно се хоспитализирани 21 пациент од кои шест се на респиратор, а уште шест се со потешка клиничка слика. Во болницата во Битола се хоспитализирани четворица пациенти, а на домашно лекување се следат уште четворица пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани седум пациенти, а на домашно лекување се следи еден пациент. На ифективните одделенија во Велес, Куманово, Прилеп и Охрид се хоспитализирани 41 пациент- позитивни и сомнителни на Ковид-19.