Двајца членови на екипажот на британскиот товарен брод, имале недозволено количество алкохол во крвта по судирот со данскиот брод во Балтичкото Море, при што најмалку едно лице загинало изјави шведски обвинител.
Бродот „Карин Хој“ долг 55 метри се преврте откако се судри со 90 метри долгиот шкотски носач кај островот Борнхолм во магливата ноќ во понеделникот.
Еден од двајцата членови на екипажот на превртениот дански брод бил пронајден мртов во трупот на бродот. Се смета дека уште еден член на екипажот е исчезнат, но потрагата, во која учествуваа бродови и хеликоптери, беше прекината во понеделникот наутро.
Шведското обвинителство се сомнева во неколку кривични дела – небрежност во поморскиот сообраќај, убиство од небрежност и пијанство.
Двајца членови на екипажот на шкотскиот носач, Британец и Хрват, беа приведени во вторникот во рамките на прелиминарната истрага. Обвинителот до четврток треба да одлучи дали ќе ги држи во притвор.
„Осомничените во притвор беа во алкохолизирана состојба“, изјави за Ројтерс јавниот обвинител Томас Олвмир.
„Едно лице е осомничено за грубо пијанство во море врз основа на дејствија поврзани со несреќата“, додаде тој.
Адвокатот што го застапува осомничениот Хрват треба да разговара со него во вторник попладне.
Британецот е осомничен по неколку точки, вклучително и убиство од небрежност, а бил на стража во моментот на судирот, по што се превртел помал дански брод.
Неговиот адвокат не беше веднаш достапен за коментар, пренесуваат агенциите.
„Како што сега стојат работите, двата брода пловеа паралелно, а потоа едниот скршна и налета на другиот“, рече Олвмир.