Утрински Весник
Свет

Дванаесет годишно девојче е првата жртва на земјотресот со јачина од 6,3 степени во Хрватска

Дванаесет годишно девојче е првата жртва на земјотресот со јачина од 6,3 степени во Хрватска

Силен земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтеровата скала денеска во 12:19 часот ја погоди Хрватска. Најголеми материјални штети се забележани во градот Петриње, каде е починатo и 12 годишно девојче, јавија хрватските медиуми. Веста ја потврди и градоначалникот на Петриње, град со околу 25.000 жители кој се наоѓа на 45 километри јужно од главниот град Загреб.

Земјотресот кој траел повеќе од 20 секунди е со епицентар на одалеченост од 40 километри од Загреб. Европскот медитерански сеизмолошки центар процени дека земјотресот го почувствувале 6 милиони луѓе.

Градоначалникот на Петриње, Даринко Думбовиќ рече дека половина град е разурнат и побара помош.

„Извлекуваме луѓе од автомобилите, имаме загинати и повредени. Слушнав и дека се урна градинката, но за среќа немаше деца во градинката, додека децата од другата градинка се спасени. Владее општа паника, луѓето ги бараат своите блиски под урнатините“, изјави Думбовиќ.

На терен се пожарникарите и екипите на Црвениот крст, а помага и армијата.

Во Петриње пристигнаа и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, како и премиерот на државата, Андреј Пленковиќ заедно со целиот државен врв.

„Сите се тука, војската од Петриње, а од Загреб пристигнуваат екипите на Брза помош, полицијата, пожарникарите и екипите за цивилна заштита“, изјави премиерот Пленковиќ, кој рече дека за луѓето од Петриње ќе се најде алтернативно сместување.

Претседателот на државата Зоран Милановиќ, пак, истакна дека верува дека парични средства ќе се најдат за да се обнови градот, но дека ќе нема начин да се надомести емотивната и духовната болка кај граѓаните.

„Петриње ќе биде обновено, тоа е единственото нешто што со сигурност можам сега да ви го кажам“, изјави Милановиќ.

 

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Аналитичари: Русија напредува во Украина со најбрзо темпо од почетокот на војната

Парламентарното собрание на НАТО усвои резолуција за итна интеграција на Украина во Алијансата

Русија упати предупредување до Јужна Кореја: „Воздржете се од непромислени чекори“