Утрински Весник
Македонија

Дафина Шекутковска: Физиката е мојата професија и инспирација за уметноста (видео)

Дафина Шекутковска: Физиката е мојата професија и инспирација за уметноста (видео)

Физиката и уметноста. Невообичаен микс од животен поттик и инспирација во кои се пронаоѓа себеси младата Дафина Шекутковска (30), магистер на Факултетот за електротехника и информатички технологии, ФЕИТ, насока, обновливи извори на енергија. Таа моментално работи како професорка по физика во скопската гимназија „Георги Димитров“, и за Мета.мк раскажува за своите досегашни резултати во науката како и за идните амбиции во научно истражувачката работа во областа на физиката, но и во уметноста, филмот и сликарството, кои и се голем предизвик.

Што те поттикна да ја подготвиш магистерската работа токму на тема – обновливи извори на енергија?

Јагленот, нафтата и природниот гас, според повеќе пресметки, ќе се потрошат како извори на енергија за околу 50 години. Бидејќи Македонија е многу далеку од безбедни извори на нуклеарна енергија, обновливите извори на енергија се иднината. Мојата магистерска работа со наслов: „Добивање и карактеризација на филмови од титаниум диоксид што се користат кај сензитивни сончеви ќелии“, (изработена под менторство на Проф. Д-р. Христина Спасевска), беше експериментална, иако имаше и добар теоретски дел. Беа избрани сензитивни сончеви ќелии од титаниум диоксид бидејќи се со ниска цена и со ефикасност од 15 проценти, а се моментално најпогодна замена за силициумовите, кои имаат ефикасност од 22 проценти. Тие можат и да се лепат на прозорци, од нив да се прават керамиди на покриви и слично.

Каков е бенефитот за граѓаните и општо, од твојот труд, и дали е тој лесно применлив во практика?

Еден дел од мојот труд има придонес кон продлабочувањето на знаењето за својствата на овие ќелии, додека новиот метод за пресметување на ефикасноста (колкаво количество сончева светлина може да биде претворено во струја), ги подобрува истражувањата за зголемувањето на ефикасноста на ќелиите, односно може да се измери и многу мало дополнително зголемување во ефикасноста при експериментирање, што е многу корисно. Прво беа изработени ќелии од титаниум диоксид, со две различни методи, со различни концентрации, во доста голем број на примероци, што одзема доста време. При тоа примероците беа печени во две различни печки на високи температури, бидејќи, како што се пече ќелијата, молекулите на титаниум диоксид се расштркуваат на сите страни и зафаќаат површина од 10 квадратни цм, на 1.000 квадратни цм, што значи дека од мала површина се добива голема површина за фотоефект. Потоа беше направена оптичка и структурна карактеризација на ќелиите, со што се добија одлични резултати за нивниот квалитет. Во друг дел беше смислен нов метод, за многу попрецизно определување на ефикасноста на ќелијата, до третата децимала, преку примена на различни математички техники.

Какви услови ти беа потребни за тоа и дали и колку имаше поддршка од некои институции?

Мојата магистерската беше правена и во лабораторијата на ФЕИТ – каде беа направени ќелиите и оптичката карактеризација, како и за време на дел од студиите на Варшавскиот Технички Факултет, каде работев на структурната карактеризација. Во Варшава работев со доста подобар модел на скенирачки електронски микроскоп, кој во Македонија го имаме само на две места: во полицијата (за форензички истражувања), и на Универзитетот во Штип. Најголемиот дел од овој тип истражувања ги направив во Варшава, меѓутоа за тој дел што ми остана ми излегоа во пресрет професорите од штипскиот Универзитет.

Дали за научни трудови од овој вид има услови во нашата држава?

Ограничени се можностите, бидејќи кај нас има огромен недостиг на лабораториска опрема и на материјали, пa студентите при своите студии работат со стара опрема која не се користи веќе никаде во светот. Затоа повеќето истражувања се или теоретски, или се прават во соработка со странски факултети и лаборатории.

Има ли ковид пандемијата влијание врз твоето работење?

Онлајн работењето си има свои предности, предизвици, но и маани. Предност при предавањето е тоа што можам да проследам поголем број видеа од разни експерименти и интересно илустрирани појави и да споделам повеќе слики. Маана е тоа што потешко може да се пренесе и практикува решавањето на пообемни работни задачи.

Освен физиката, што уште те привлекува во животот и каде се пронаоѓаш себе си?

Многу ме привлекува уметноста. Во февруари годинава имав ликовна изложба насловена „Бифуркации“, каде изложив многу дела кои беа поврзани со физиката и математиката. Претходно учествував на групна изложба во „Saatchi“ галеријата во Лондон, а мои дела беа прикажани и во „Notions“ списанието од Сингапур. Неодамна снимив и краток филм „Chair“, снимен со половина stop motion анимација, а половина со снимени актери, кој беше инспириран од вистински настан. Темата на филмот е во врска со подигање на свеста кај луѓето, посебно младите, за психолошкото здравје и самоубиството, и за разбивање на табуто за посетување на психолог. Тој ке биде прикажан набрзо, заедно со уште една изложба со слики, инспирирани од квантни честички.

По стекнувањето со диплома инженер по применета физика, на ПМФ, насока теоретска физика, магистерски студии на ФЕИТ, насока Обновливи Извори на Енергија, и студии на Варшавскиот Технички Универзитет, и волонтирањето во Сеизмолошката Опсерваторија Скопје, на мерење на магнитуда и локација на земјотреси со сеизмички софтвер, улогата на наставник по физика, математика и природни науки во ПСУ „Максимилиан“, на професор по физика во СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ и сега во СУГС „Георги Димитров“, учество на семинарот „Математиката и нејзините апликации” на ПМФ, со трудот „Апликација на топологијата во aтмосферските науки за предикција на aтмосферски појави преку препознавање на облици”, сепак, Шекутковска иднината за себе си ја гледа надвор, а не тука во земјава.

На прашањето: дали надвор од земјава се нудат поголеми шанси за истражување и научна работа на младите истражувачи и дали таму ја гледаш својата иднина, таа вели: „Да, во странство има многу истражувачки центри и факултети со доволен број лаборатории со современа опрема и соодветни услови за истражување. Како и повеќето млади луѓе кои сакаат да работат во истражување, и јас ја гледам својата иднина надвор од земјава. Дипломирав на теоретска физика, и во многу блиска иднина планирам да продолжам на докторски студии, за што се уште размислувам на која тема конкретно би го работела докторатот.

Извор: meta.mk

Можете да прочитате

Владата повторно ќе му помогне на ЈСП ако не успее тендерот за нафта

Засилени контроли на патарините, казни од по 200 евра за неплаќачите

Стипендии за студенти на УКЛО од семејства со ниски приходи