Утрински Весник
Македонија

Давидовиќ се огласи за снимката со Кичеец: Обид за дискредитација и спречување на реализација на проектите

Давидовиќ се огласи за снимката со Кичеец: Обид за дискредитација и спречување на реализација на проектите

Скопје, 30 јуни 2020 (МИА) – Црногорскиот бизнисмен Миодраг Дака Давидовиќ, денеска со писмо до јавноста се огласи за објавената аудио снимка меѓу него и Зоран Милески Кичеец, објавена на Јутјуб каналот „Раце лепливи“, пред три дена.

-Како сопственик на голема површина земјиште во општина Штип, на Брегалница, кое по својата локација е погодно за изградба и работа на мини хидроелектрана и паркови за енергија од ветер, постигнав договор со познати австриски и кинески компании, кои беа подготвени да обезбедат финансиски средства за реализација на овој проект, додека моја обврска, како сопственик на земјиште, беше да обезбедам градежна дозвола и сите останати документи, потребни за реализација на овој проект, наведува Давидовиќ во писмото.

Натаму пишува дека со оглед дека во конкретниот случај се работело за проект од повеќемилионска вредност, износот од 300.000 евра на име услуги консалтинг, посредување, логистика и застапување пред надлежните органи во Република Северна Македонија, не бил несразмерен со толку голема вредност на проектот.

Според него, медиумската квалификација дека се работи за мито е премногу насочена и пресметана, бидејќи, како што вели, во овој деловен однос не постои ниту еден елемент што би укажувал, а камоли одредувал наведена исплата како мито и корупција. Вели ова е обид за негова дискредитација и спречување на реализација на почнати проекти во земјава.

-Фактот дека наведените парични средства сум ги исплатил Зоран Милевски во времето на Владата на Никола Груевски, а не во Владата на Зоран Заев, исто така потврдува колку написите се невистинити, а над се со цел и монтирани, посочува црногорскиот бизнисмен.

Натаму наведува дека Милески и покрај сите ветувања не му обезбедил ниту една дозвола, ниту презел активности за реализација на проектот во Општина Штип, туку само му организирал средба со Заев, кој пак, го упатил кај генсекот на Владата Рашковски за да провери какви се плановите на Владата во врска со доделување нови концесии.

-Ниту до денешен ден не добив информација која би укажала дека во иднина би можел да очекувам реализација на наведениот проект. Очигледно е дека Милески не исполни ниту една преземена обврска, како и тоа дека не сум реализирал ниту еден деловен проект. Огромните парични средства што ги вложив во недвижности останаа неактивни и заробени во Република Северна Македонија, поради што не остварив никаква корист, што се укажува дека квалификациите на одредени медиуми, дека во овој случај се работи за мито, се неточни и злонамерни, и само и штетат на оваа држава, бидејќи ова е лоша порака на сите странски инвеститори, кои сакаат да инвестираат во Република Северна Македонија, заклучува Давидовиќ.

На Јутјуб каналот „Раце лепливи“ на 27 јуни се појави нова аудио снимка, која трае 12 минути, а во која наводно се слушаат гласовите на Зоран Милески-Кичеец, осуден во случајот „Рекет“ и на бизнисменот Дака Давидовиќ.

Во снимката двајцата соговорници ги споменуваат имињата на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, а се слуша и името на поранешниот премиер, а актуелен претседател на СДСМ Зоран Заев. Соговорникот кој зборува на српски јазик споменува дека му дал пари на Милески, се споменува референдумот и неостварени ветувања кои му била дадени на Давидовиќ за бизниси поврзани со хидроцентрали и со ветерници во Тетово и во Штип. нд/ац/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот