Скопје, 15 април 2020 (МИА) – Градежните активности во Старата скопска чаршија со кои се врши замена на оштетениот камен од улиците предизвикаа реакции кај јавноста на социјалните мрежи, но добија и објаснување од локалната и централната власт дека тековните работи се во согласност со проектот за санација и зачувување на автентичниот изглед на чаршијата финансиран од Светска банка.
Ирена Попова, советничка во Советот на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, праша кој копа во Старата скопска чаршија за време на полициски час, барајќи одговор од градоначалникот на Град Скопје.
– Кој уништува споменик на културата и кој прави бизнис од сето ова? Додека народот седи затворен дома, на шверцерски начин менуваат калдрма. За сето ова Петре Шилегов треба да даде прецизен одговор, посочи Попова.
Одговорот дојде од градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, кој изјави дека градежните активности во Старата скопска чаршија не се во насока да се измени автентичноста на чаршијата, туку да се замени оштетениот камен травертин со ист таков камен, да се задржи автентичноста и да се создадат подобри услови и за занаетчиите и за туристите.
Тој во изјава за медиумите вчера нагласи дека за реализација на проектот ги имаат добиено сите потребни дозволи од надлежните институции, меѓу кои и од Управата за заштита на културното наследство, која врши надзор врз целиот процес, отфрлајќи ги обидите на некои портали кои, вели, тенденциозно објавуваат информации без да ја набљудуваат содржината на проектот.
– За содржината на проектот, кој го започнавме во декември 2019 година, како и за динамиката и неговите фази, во континуитет ја имаме известено јавноста. Овој проект за санација и зачувување на автентичниот изглед на Старата скопска чаршија предвидува поставување камен со ист материјал како и претходниот травертин на површина од 1.800 квадратни метри, дозволен според извештајот на лабораториската анализа за исполнување на условите, истакна Ганиу.
Потребата од имплементација на проектот, како што рече, произлегува од оштетувањето на улиците во чаршијата во изминатиот период. Камењата травертин што сега се вадат, нагласи, не се продаваат како што некој сака тоа да го прикаже, туку се собираат и складираат и во следниот период ќе бидат употребени на улицата „Самарџиска“ во чаршија.
И од Владата вчера соопштија дека се запазени сите процедури за заштита на автентичноста на Старата скопска чаршија и градежната активност, која се финансира преку Проектот за локална и регионална конкурентност, се одвива во согласност со позитивните правни норми за зачувување на автентичноста на чаршијата.
– Во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), Општина Чаир аплицираше со потпроектот „Промоција на чаршиски туризам во Општина Чаир“. Сите активности на потпроектот предвидуваат клучни инвестиции во масовна туристичка дестинација со цел зголемување на привлечноста на Старата чаршија и нејзино промовирање како главна туристичка дестинација во градот за потребите на туристите. Потпроектот предвидува санација на калдрмата на еден дел од главната улица Битпазарска, како и конзервација, реставрација и санација на повеќе дуќани што го нарушуваат автентичниот лик на Стара чаршија, која со закон е прогласена како културно наследство од особено значење „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 130/08. Санација на калдрма – со текот на времето се настанати оштетувања на калдрмата на улицата. Оштетувањата се настанати од повеќе фактори: метеоролошки влијанија, моторен сообраќај, недоволен капацитет на каменот и парцијални ископувања на улиците. За таа цел проектот предвидува санација на калдрмата во главната улица (во должина од 200 м или вкупно 2.240 квадратни метри). Сите градежни материјали што се користат за реконструкцијата на излозите на дуќаните и калдрмата во споменичка целина: „Стара скопска чаршија“ се автентични и одобрени од стручни лица од НУ Конзерваторски центар – Скопје и Управата за заштита на културното наследство, наведуват од Владата.
Проектот за санација и реставрација на чаршијата е финансиран од Светска банка со грант во износ од околу 600 илјади евра, а опфаќа и реставрација на 75 дуќани и унифицирање на излозите, поставување натписи и тенди на објектите, целосна сигнализација на чаршијата. вг/сп/