Утрински Весник
Свет

Голема победа на СПЦ во Црна Гора, променет законот за имот

Голема победа на СПЦ во Црна Гора, променет законот за имот

Новото црногорско владејачко парламентарно мнозинство синоќа во 2 часот по полноќ ги усвои измените и дополнувањата на законот за слобода на вероисповед под влијание на Српската православна црква, а сите пратеници од опозицијата ја бојкотираа расправата велејќи дека нема кворум за седницата на црногорскиот парламент.

Усвојувањето на измените и дополнувањата на законот беше придружено со аплауз од пратениците на власта, додека пак опозицијата одржа прес-конференција во холот на црногорскиот парламент, тврдејќи дека црногорскиот Устав е прекршен и дека парламентарните одлуки се нелегитимни и неважечки.

Законот за слобода на вероисповед, усвоен од претходната црногорска влада предводена од Демократската партија на социјалистите (ДПС), предвидуваше верските заедници да докажуваат сопственост на недвижниот имот.

Веднаш по усвојувањето, се спротивстави Српската православна црква (СПЦ), која организираше масовни протести во поголемиот дел од 2020 година, тврдејќи дека целта на законот е да се заплени нејзиниот имот во Црна Гора.

Според аналитичарите, токму овие протести доведоа до прв изборен пораз на Мило Ѓукановиќ и до прва промена на владата во Црна Гора во последните три децении.

Со измените и дополнувањата на законот се укинава промената на статусот на црковниот имот, што значи дека тој останува во сопственост на Српската православна црква, а државата, доколку сака да го заведе тој имот како свој, може да се обрати на суд.

Пратениците од опозицијата рано наутро во вторникот изјавија дека владејачкото мнозинство нема кворум затоа што еден пратеник бил изолиран поради коронавирус и се приклучил на дебатата преку интернет, додека друг бил со мандат не потврден од страна на Државната изборна комисија.

„Скандалозно однесување, драстично кршење на Уставот и на демократските принципи“, рече пратеникот на ДПС и поранешен премиер Душко Марковиќ, нагласувајќи дека тој ќе и укаже за таквото однесување на меѓународната заедница.

Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ, кој присуствуваше на дебатата, рече дека Демократската партија на социјалистите (ДПС) се обидува да ја смени изборната волја на граѓаните преку политичка корупција.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години