Кинотека на Македонија започнува со „Филмска училница“, проект за креативна едукација од областа на филмот и аудио-визуелното наследство наменет за ученици од средните училишта. Проектот започнува на 10 октомври, и ќе трае 10 недели.
Проектот е замислен како интерактивна филмска училница, каде младата популација ќе може да се запознае со нематеријаното богатство, пред сè, аудио-визуелното, и ќе добие филмска едукација од областа на историјата на филмот, запознавање со филмскиот јазик и аудио-вузуелното изразување и можност за креирање на авторски филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.
Идејата на проектот е подигање на свеста на младите луѓе за значењето, вредноста и влијанието на националното аудио-визуелно наследство, поттикнување на истражувачко љубопитство, запознавање со вештини за истражувачка работа, со идеја за нивно вклучување во откривање на нови аудио-визуелни материјали од локални и приватни архиви, како и развивање на имагинацијата за создавање на лични аудио-визуелни приказни, инспирирани од историјата на македонската кинематографија.
Целта на проектот е, преку интерактивното-креативно учење, учесниците да добијат основи на филмско познавање, да научат како да гледаат филм, како да размислуваат за едно филмско дело и да стекнат примарни вештини за креирање на филмски приказни како начин на лично изразување на својот поглед и став кон животот, како и за изработка на сопствени аудио-визуелни етиди кои би им помогнале во текот на нивното школување.
Во реализација на наставата на филмската училница ќе се ангажираат професори од високо образовни филмски школи и професионалци од различни филмски професии (филмолози, историчари на филм, сценаристи, режисери, кинематографери, монтажери, сниматели и дизајнер на звук, аниматори, костимографи, сценографи…), кои ќе ги запознаат учениците со филмската уметност и култура, ќе ги научат за основите на историјата и развојот на филмот, со базичните сегменти на филмскиот јазик, со начинот на создавање на едно филмско дело и ќе ги насочат и помогнат при реализацијата на нивните филмски етиди.
Проектот е финансиран од Министерство за култура.