Утрински Весник
Свет

Германските власти бараат ЕУ побрзо да ја одобри руската вакцина

Германските власти бараат ЕУ побрзо да ја одобри руската вакцина

Челниците на германските покраини ги повикаа европските власти да го забрзаат тестирањето на руската вакцина „спутник В“ и да ја предвидат нејзината употреба низ ЕУ откако ќе биде одобрена.

„Важно е да се забрза процесот на одобрување, особено на ‘спутник’“, рече баварскиот премиер Маркус Содер по разговорите меѓу шеснаесетте германски покраински лидери и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Европската агенција за лекови (ЕМА) започна со тестирање на „спутник В“ на почетокот на март заради нејзино одобрување, а некои европски земји веќе започнаа со дистрибуција.

Баварскиот премиер денеска рече дека одобрувањето на вакцината е само прашање на време и дека е важно ЕУ да се организира со цел да се гарантира нејзиното производство и снабдување.

„Европа мора брзо да преговара и да не чека одобрување. Ова е итен повик да не се пропушти шансата“, кажа Содер.

„Ако производството на ‘спутник’ се покаже тешко, можеме да понудиме да ја произведеме тука во Германија“, додаде тој.

Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) во понеделникот соопшти дека потпишал договори за производство на вакцината со компании од Италија, Шпанија, Франција и Германија додека се чека официјално одобрување во Европската унија. Овие земји не ги потврдија информациите за потпишувањето на вакви договори.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Најмалку 547 мртви во поплавите во Непал и Тибет

ОН: Речиси половина од анкетираните домаќинства во Газа се изјасниле дека си легнуваат гладни

17 починати и над 400 заразени од вирусот Западен Нил во Италија