Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах предупреди на катастрофален нов бран на коронавирус во Германија доколку не се договорат доволно мерки за борба против Ковид-19 пред есента.
„Ако есента ја дочекаме како што сме сега, без заштитни маски, без ништо, тоа би значело дека бројот на заразени ќе се зголеми нагло, но и дека единиците за интензивна нега ќе бидат преоптоварени“, изјавил тој за ДПА за време на неговата посета на Вашингтон.
Во исто време, кажал Лаутербах, голем дел од болничкиот персонал исто така ќе биде болен, што, како што оценил, ќе биде дополнително оптоварување за здравствениот систем.
„Тоа е како свеќа што гори на двата краја“, рече Лаутербах.
„Потребни ни се мерки, тоа е јасно. Тоа не е прашање за дискусија, ние ќе бидеме подготвени“, кажал Лаутербах.
Тој не сакал да прецизира какви мерки во иднина ќе се применуваат, велејќи дека тоа е предмет на доверливи преговори со другите министерства, вклучително и со Министерството за правда.
„Правната основа за сегашните ограничувања против коронавирусот во Германија истекува на 23 септември, а дотогаш владата мора да одлучи за нови мерки“, кажал Лаутербах.