Утрински Весник
Свет

Германска новинарка се извалкала со кал за да прикаже дека помагала во чистењето по поплавите

Германска новинарка се извалкала со кал за да прикаже дека помагала во чистењето по поплавите

Новинарка од Германија е отпуштена откако на социјалните мрежи се појави снимка на која се гледа како таа се мачка со кал пред вклучувањето во живо, пред да јави дека помагала во чистењето на последиците од катастрофалните поплави во градот Бад Минстерајфел.

Додека чекаше да се вклучи во живо на телевизијата РТЛ, 39-годишната репортерка Сузана Олен, намерно се мачка со калта, за да изгледа како да се вклучила во активностите за расчистување на поплавениот град. Откако прво си ја извалка облеката, Олен намачка од калта и на лицето.

Пред да биде објавена скандалозната снимка, направена од случаен сведок, телевизијата го објави прилогот на Олен под наслов „Чистење по поплавата: Репортерката на РТЛ помага во расчистувањето на Бад Минстерајфел“.

Телевизијата се извини за неетичкиот потег на нејзината новинарка.

„Пристапот на нашата репортерка е во спротивност со нашите принципи и стандарди. Поради тоа, ја отпуштивме новинарката веднаш штом слушнавме што направила“, велат од РТЛ.

Во катастрофалните поплави кои зафатија делови од Германија минатата недела, загинаа 128 луѓе.

Можете да прочитате

НАТО: Поддршката за Украина продолжува

Израел прифати примирје со Хезболах

Телефонски разговор Трудо-Трамп – 24info.mk