Сојузното обвинителство во Германија објави дека покренало обвинение против пет таџикистански државјани за членство во терористичката организација Исламска држава (ИД) и подготовка на терористичко насилство преку прибирање средства и регрутирање луѓе за напади.
Еден од обвинетите, идентификуван како Азиз Б, е осомничен дека имал близок контакт со двајца високи водачи на ИД во Авганистан и дека управувал со терористичка мрежа на руски и таџикистански јазик за ширење на пропагандата на организацијата, се вели во соопштението од обвинителството, пренесува „Ројтерс“.
Агенцијата наведува дека петмината осомничени, кои беа уапсени минатата година, се осомничени дека припаѓале на ќелија на ИД во западната покраина Северна Рајна-Вестфалија, чии членови имале упатства и материјал за градење бомби и планирање напади во Германија. Во соопштението се наведува дека се верува дека некои од членовите на оваа група имале контакт со исламистички терорист, кој минатата година уби четири лица во Виена.
Обвинителството тврди дека оваа мрежа собрала средства за операциите на Исламска држава и регрутирала потенцијални милитанти и дека играла важна улога во радикализирање на човекот кој со возило удрил во маса луѓе во шведската престолнина Стокхолм во 2017 година, при што загинаа четири лица и беа повредени 15 други.