Утрински Весник
Свет

Германија го одобри најдолгиот подводен железнички и сообраќаен тунел на светот преку Балтичкото Море

Германија го одобри најдолгиот подводен железнички и сообраќаен тунел на светот преку Балтичкото Море

Највисокиот германски суд ја одобри изградбата на најдолгиот комбиниран железнички и сообраќаен тунел во светот преку Балтичко Море, што се очекува драстично да го намали времето на патување од Северна Германија до клучните острови на Данска и да обезбеди директна врска меѓу Хамбург и Копенхаген, објави данскиот весник „Берлингске“.

Данскиот министер за транспорт, Бени Енгелбрехт, ја поздрави одлуката како голем ден не само за данско-германските односи, туку и за Европа и за создавање на зелени коридори за транспорт, нагласувајќи дека е отстранета последната блокада.

Подводниот тунел „Фемарн белт фиксд линк“, долг 18 километри, треба да биде отворен во 2029 година и ќе биде еден од најголемите инфраструктурни проекти во Европа, преминувајќи го Појасот Фемарн на Балтичко Море помеѓу пристаништата Путгарден во Германија и Родби на данскиот остров Лоланд. Проектот претходно беше опишан како корисен за целата ЕУ бидејќи ќе овозможи побрза размена на стоки и луѓе меѓу Скандинавија и континентална Европа.

​Цената на тунелот со четири сообраќајни и две железнички ленти, кој се очекува да го намали патувањето на 10 минути од едночасовното возење со траект, е проценета на повеќе од 52 милијарди дански круни (над 8 милијарди долари).

Тоа ќе го плати Данска заедно со финансирањето од ЕУ, која покажа голем интерес за проектот. Сепак, изградбата се соочи со строго противење, па дури и со правни битки, од конзерваторите и фериботите кои се соочуваат со драстично намалена трговија.

Затоа, извршниот директор на проектот, Клаус Баункјаер, го опиша неодамнешното регулаторно одобрување како „историска пресвртница“. Данска го одобри проектот уште во 2015 година.

Додека Данска веќе ги започна градежните работи од своја страна, германската страна заостануваше, блокирана од правниот лавиринт. Еколозите изразија загриженост во врска со влијанието врз животната средина и животинскиот свет. Додека Федералниот административен суд во Лајпциг ги отфрли нивните аргументи, Европскиот суд на правдата со седиште во Луксембург сè уште разгледува други жалби поврзани со проектот.

За разлика од другите подводни тунели, како што е тунелот под Ла Манш, тунелот Германија-Данска нема да лежи под морското дно, туку ќе користи шупливи бетонски делови што ќе бидат потопени и сместени во канал ископан на дното на Балтичко Море. На својата најдлабока точка, автопатот во тунелот „Фемарн“ ќе биде 39 метри под нивото на морето.

Идејата за постојана балтичка врска преку Појасот Фемарн првпат се појави пред речиси 30 години. Првичниот проект беше мост, како осум километарскиот мост „Ересунд“ меѓу Копенхаген и Малме, кој ги поврза провинциите Зеланд во Данска и Скане во Шведска во еден огромен регион Ересунд.



Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Два брода со мигранти се превртеа кај Мадагаскар, 25 лица загинаа

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење