Утрински Весник
Свет

Германија ги олеснува правилата за донација на крв од геј и бисексуални мажи

Германија ги олеснува правилата за донација на крв од геј и бисексуални мажи

Германија ќе го олесни ограничувањето што бара хомосексуалните и бисексуалните мажи да се воздржат од сексуални односи една година, доколку сакаат да даруваат крв.

Мажите во моногамни истополови врски веќе нема да имаат ограничувања за дарување крв, според новата проценка на ризик од германското Министерство за здравство и германското Здружение на лекари.

Мажите кои се сексуално активни со повеќе од еден маж или имаат нов партнер, како и хетеросексуалците кои често менуваат партнери ќе мора да почекаат четири месеци пред да даруваат крв, се наведува во документот на 77 страници.

Портпаролката на Министерството за здравство соопшти дека промените ќе бидат воведени по следната ревизија на правилата за дарување крв, но не сакаше да прецизира кога тоа ќе се случи.

Пандемијата од Ковид-19 принуди неколку земји, вклучително и Велика Британија и Австралија, да ги укинат ваквите ограничувања, воведени во 80-тите, за време на епидемијата на ХИВ. ЛГБТ-здруженијата долго време ги критикуваа овие правила како дискриминаторски и застарени.

Јенс Бранденбург, портпарол за ЛГБТ-прашања на опозициската, класично либерална, Слободна демократска партија, ја поздрави одлуката и повика правилата да се фокусираат на индивидуален ризик, а не на сексуалноста.

„Крвта не е хомосексуална или хетеросексуална. Безбедниот сексуален однос помеѓу двајца слободни мажи не е поголем ризик од незаштитениот однос за една ноќ меѓу хетеросексуални личности“, рече тој.

„Потенцијалниот ризик од инфекција не зависи од сексуалната ориентација, туку од индивидуалното однесување“, заклучи Бранденбург.

Ограничувањата на дарувањето крв се разликуваат низ целиот свет. Шпанија, Италија и Португалија не прават разлика меѓу донаторите врз основа на сексуална ориентација, додека Сингапур и Грција забрануваат донации од хомосексуалци, појаснува агенцијата ДПА.

Можете да прочитате

Петто тело е пронајдено во реката Сена во текот на август – француската полиција се сомнева дека се работи за жртви на сериски убиец

Турски министер снимен како вози со 225км/час и слуша фолк – го стигна казна (ВИДЕО)

Украина им дозволи на мажите на возраст од 18 до 22 години да ја напуштат земјата за првпат од почетокот на војната