Германската канцеларка Ангела Меркел изјави денеска дека германските власти се согласиле на четиринеделен делумен карантин.
Во овој временски период, затворени ќе бидат рестораните, баровите, кината, театрите и други слични објекти, во обид да се запре ненадејното зголемување на заразата со коронавирус.
Одлуката треба да стапи на сила во понеделник и ќе трае до крајот на ноември, пренесува АП.
Продавниците и училиштата ќе останат отворени, за разлика од затворањето на Германија за време на првата фаза од пандемијата во март и април.
„Мора да дејствуваме сега, за да избегнеме акутна национална здравствена криза“, рече Меркел.
Канцеларката апелираше до луѓето да не одат на патувања што не се потребни и рече дека хотелите нема да можат да примаат туристи.
Меркел вети дека компаниите погодени од новиот делумен карантин ќе добијат економска поддршка, велејќи дека помалите компании ќе добијат 75% од своите приходи како поддршка, пренесува Ројтерс.
„Ние ќе ги обештетиме погодените компании, институциите и клубовите“, рече германската канцеларка.
Највисок дневен биланс на новозаразени
Според последните информации, во последните 24 часа во Германија се потврдени нови 14.964 случаи на коронавирус, што е највисок дневен биланс од почетокот на епидемијата, објави Институтот Роберт Кох.
Претходниот рекорд беше поставен во саботата, кога беа евидентирани 14.714 нови случаи на заразени, и оттогаш се намалува дневниот број на нови случаи.
27 лица починаа од последното сечење, пренесува Ројтерс.
Од почетокот на епидемијата, вкупно се заразени 464.239 лица, од кои 10.125 починале.