Скопје, 12 февруари 2020 (МИА) – Ограничени инвестиции во земјоделска инфраструктура, прекумерна расцепканост на земјоделското земјиште и мала површина на земјоделските стопанства, напуштање на селата, отежнат пристап до пазарите, недостаток на можности за диверзификација на приходите и на соодветни советодавни услуги, ограничени капацитети за одржливи земјоделски практики, деградација на земјиштето, ранливост на климатски промени и неефикасното управување со шумските ресурси, се клучните предизвици со кои се соочува македонскиот агро-сектор, смета заменик-регионалниот претставник на ФАО за Европа и Централна Азија говори, Набил Ганџи.
Ганџи е одговорен за развојот и имплементацијата на Програмата на ФАО во земјава, а минатата недела првпат престојуваше во официјална посета. Се сретна со вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и со ресорниот министер Трајан Димковски. Најави дека приоритетните области на тековната програма на ФАО за периодот 2018-2020 година вклучуваат поддршка за зголемена конкурентност на земјоделскиот сектор, подобрување на животот во руралните заедници преку одржлив рурален развој и одржливо управување со природните ресурси во услови на климатски промени.
Наредните 18 месеци ФАО ќе ги поддржи и напорите на Северна Македонија за финализирање на развојот на Националната работна програма за Зелениот климатски фонд со конкретни национални проекти од јавниот и приватниот сектор, за адаптација кон и ублажување на климатските промени во земјоделството, шумарството, водните ресурси, енергетиката, транспортот, отпадот, биодиверзитетот, здравството и културното наследство. Ќе и помогне и за спроведување на Агендата 2030 за одржлив развој.
-Земјоделството и производството на храна играат значајна улога во македонската економија со 16 проценти придонес во бруто домашниот производ и вработуваат повеќе од една третина од работната сила. Сепак, секторот се соочува со неколку структурни предизвици. Нивното надминување, како и јакнењето на капацитетите и системите на клучните чинители на национално и локално ниво, се основа за иден развој на секторот, вели Ганџи во интервју по повод посетата.
Тој укажува дека прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште и малата површина на земјоделски стопанства, освен што негативно влијае врз продуктивноста и ефикасноста на фармите, оневозможува и модернизација на производството и конкурентност во глобализираната економија. Неефикасното управување со шумските ресурси, пак, и недостатокот на точни податоци во овој сегмент, ги попречува напорите за национален одржлив развој на шумите. Се осврнува и на достапноста на здрава исхрана што, според него, за секого останува предизвик, заедно со загубите и отпадот на големи количини храна.
-Со поддршка од ЕУ, ФАО им помага на малите и семејни фарми да ги надминат проблемите со прекумерната расцепканост на земјоделското земјиште, истовремено поддржувајќи го Министерството за земјоделство да развие оперативна Национална програма за консолидација на земјиштето. Со задоволство сакам да ги потенцирам најновите достигнувања во консолидацијата – успешната финализација на првите проекти во државата за консолидација на земјиштето во селата Егри и Конче, кои дефинитивно ќе послужат како пример за тековното спроведување на осум други проекти за консолидација на земјоделското земјиштето во земјата, нагласува претставникот на ФАО.
За време на средбите со надлежните институции, Ганџи упатил покана земјава да се приклучи кон новата Иницијатива на ФАО, „Рака под рака”, која ги поддржува земјите со ниски приходи и земјите во развој во напорите за намалување на сиромаштијата, елиминирање на гладот и подобрување на исхраната преку поттикнување на транформацијата во земјоделството и одржлив рурален развој.
Иницијативата, објаснува, е во насока на одржливо управување со природните ресурси, безбедност на храната и адаптација кон климатските промени. Нуди нов модел за иновации и инвестиции преку поттикнување партнерства и вмрежување на ресурсите на јавниот, приватниот сектор и меѓународната заедница за поддршка на семејните земјодeлски стопанства да ја зголемат нивната продуктивност и приходите, за обновување на селата, за создавање атрактивни можности за работа за младите и руралните жени, за зголемување на отпорноста кон климатските промени и за подобрување на условите за живот во руралните заедници во целина.
Набил Ганџи е секретар на годинашната 32. сесија на Регионалната конференција на ФАО за Европа на која главни теми ќе бидат состојбата на одржливите системи за храна и исхрана, младите и вработувањето во Европа и Централна Азија, состојбата на малите и семејни земјоделски стопанства, како и потенцијалите за ревитализација на руралните области во регионот. Дополнителни теми ќе бидат иницијативата „Рака под рака“, пристапот “Едно здравство” (One Health) и безбедностa на храната.
Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) е партнер на земјава од 1993 година. Соработката опфаќа широк спектар на области: земјишна политика и управување со земјиште, шумарство, развој на вредносни синџири во производството на храна, биосигурност и здравје кај животните, адаптација кон и ублажување на климатските промени. Постојан акцент се дава на развојот на секторските политики и институционалната поддршка, со фокус на усогласување на земјоделството и руралниот развој на земјата со стандардите на ЕУ и Целите за одржлив развој. мч/са/