Утрински Весник
Македонија

Галески: Шилегов ќе го задолжи Градот со нови 5 милиони евра

Галески: Шилегов ќе го задолжи Градот со нови 5 милиони евра

Ребалансот на градскиот буџет е неразвоен, популистички и во духот на изборите што следуваат создавајќи лажна перцепција дека се работи нешто во ситуација кога не се работи ништо, изјави советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Луке Галески, во Советот на Град Скопје.

„Она што може да се забележи е тоа дека овој ребаланс на буџетот никако не може да се каже дека е развоен, туку, пред сѐ, е популистички, и воедно во духот на изборите што следуваат. Во суштина е поттикнат од потребата да се направи некакво движење на работите што беа ветени, а 4 години тапкаат во место. Ова е ребаланс за предизборна кампања, ребаланс што треба да создаде лажна перцепција дека се работи нешто кога не се работи ништо“, истакна Галески.

Тој додаде дека Градот ќе се задолжи со над 5 милиони евра кога не се знае каде се парите од 12 милиони евра од продадената градска куќа и 2 милиона евра субвенции за загубите на градските претпријатија, чија неспособност повторно ќе се финансира и покрива од Градот.

„Она што може да се заклучи е дека Градот не се откажува од задолжување, ќе се задолжи со нови 320 милиони денари, што е задолжување на скопјани за нови над 5 милиони евра. Притоа не е сосема јасно за какви точно нови капитални проекти се работи во исто време кога се зголемува ставката за исплата на плати за администрација, што значи две работи – или дека се продолжува праксата на партиски вработувања пред избори или тоа се пари за К15, што по 4 години заборав значи исто така чист популизам или лажна грижа. Од друга страна, 2 милиона евра се даваат за субвенции на јавните претпријатија, што значи дека ако не е Градот, нема како да функционираат тие и се работи за лошо менаџирање. До кога Градот ќе ја покрива неспособноста на директорите на градските претпријатија“, праша советникот Галески.

Тој посочи дека е забележително што за капитални инвестиции во животна средина нема никакви дополнителни инвестиции и зголемувањето е нула денари.

„Во 2018 година градоначалникот рече нема поголем приоритет од заштитата на животната средина. Еве гледаме тој е нула денари. Или за заштита на животна средина ќе зборуваат само кога треба да се земе од граѓаните со еколошка такса или зелен данок, а кога ќе треба да се даде повеќе за капитални инвестиции, износот е нула“, истакна Галески на денешната седница.

Можете да прочитате

Исчезна 39-годишен струмичанец, семејството бара помош од граѓаните

Најдовски: Разрешувањето на директорката во Демир Хисар е законско

Пожарот во ловиштето „Јасен“ сè уште активен, одбраната на објектите на претпријатието продолжува и во текот на ноќта