Утрински Весник
Македонија

Гаден обичај во Иран – зошто таткото и ја отсекол главата на својата ќерка

Гаден обичај во Иран – зошто таткото и ја отсекол главата на својата ќерка

9 јуни 2020

Дојче веле, Бон

Едно застрашувачко „убиство од чест“ на брутален начин покажува колку е неопходна реформата на застарениот правен систем во Иран, пишува Дојче веле.

Едно село во северниот дел на Иран, кон крајот на мај беше сцена на ужасно таканаречено  „убиство поради чест“.

Реза Ашрафи (37)  и ја отсече главата на својата ќерка. И додека бројни слични случаи во семејствата успеваат да се сокријат, ова, сепак, предизвика големо внимание на социјалните мрежи и традиционалните медиуми.

Четиринаесетгодишната ќерка на сторителот на тоа дело, Ромина, го напуштила семејниот дом, заедно со еден 29-годишен маж. Тој подоцна тврдеше дека бил во љубовна врска со детето веќе пет години. Семејството на Ромина им забранило да стапат во брак. Бракот со четиринаесетгодишно дете би бил можен само со согласност на нејзиниот татко.

Пет дена по бегството на Ромина, полицијата ја  фатила двојката и ја вратиле кај нејзиниот татко. Судејќи според извештаите на медиумите, после тоа, работите се одвивале вака: Мајката на Ромина во куќата слушнала дека нејзиниот сопруг барал од својата ќерка да се самоубие. Во спротивно, тој се заканил дека ќе ја убие.  Мајката не направила ништо за да ја спаси Ромина. И по бруталното убиство на девојчето, роднините  организирале погреб  во името на „чесниот татко“.

„Горчливата вистина е дека патријархалната култура е длабоко вкоренета во иранското општество“, изјави за Дојче веле писателката и активистка за женски права, Асијех Амини.

„Воопшто не е важно колку се добро образовани ирански жени или колку постигнале благодарение на нивната силна позиција во граѓанското општество“, додаде Амини. Патем, по немирите во 2009 година, Амини избегала од Иран и сега живее во Норвешка.

„Во тој политички систем, мажите имаат не само традиција, туку и законодавство на нивна страна“.

Дискриминација на жените во Иран

На прв поглед, жените во Иран имаат постигнато многу, во споредба со другите земји во регионот. Во Саудиска Арабија, на пример, жените до неодамна немаа дозвола да возат автомобил. Дури во 2015 година имаа право на глас.

Жените во Иран возат автомобил уште од 1940 година, а можат да бираат и да бидат одбрани од 1963 година. Секое второ лице во Иран со диплома од факултет е женско. Континуирано расте и бројот на жени кои поднесуваат барање за разводи или се спогодбено „ослободени“ од несреќната брачна заедница.

Апсурдниот шеријатски закон

Но, и за жените во Иран и Саудиска Арабија важи една иста работа: се смета дека тие не се самостојни, и дека се личности за кои некој се грижи, и тоа поради законите засновани на шеријатскиот закон.

Сите важни одлуки ги донесуваат нивните татковци или сопрузи, дури и во врска со животот и смртта. Принципот на одмазда е во сила во исламскиот кривичен закон во Иран. И тоа значи следново: ако жената стане жртва на кривично дело, тогаш таткото одлучува што го чека сторителот – одмазда (што е често смртна казна) или помилување.

Колку е апсурден овој систем најдобро го покажуваат вакви случаи – убиецот на девојчето Ромина е во исто време личноста која одлучува за помилување или за одмазда. И тука судскиот систем целосно не успева. Според иранските медиуми, таткото на Ромина, Реза Ашрафи, го известил адвокатот за казната пред убиството. И ги добил следниве информации: помеѓу три и десет години затвор.

Ашрафи не е единствениот татко кој ја „искористи“ оваа дупка во иранското судство. Според резултатите од студијата на Иранската полициска академија, во регионите на западот и југот на земјата, каде традицијата игра голема улога, од вкупниот број убиства, 45 отсто се „убиства поради чест“.

 Ужасен кодекс

Во традиционалното општество, пристојноста е најважниот капитал на жената “, објаснува иранската новинарка Махрок Голахосеинпур.

„Општеството го отфрла, игнорира, па дури и го понижува тој човек чија сопруга или ќерка не е пристојна“.

Голахосеинпур веќе неколку години истражува „убиства поради честа“ во Иран.

„Се сеќавам на едно девојче по име Ала, од едно село во Јужен Иран. Нејзината мајка ми раскажа дека додека чувала овци, била силувана од неколку мажи од друго племе. Кога ја донеле полумртва во селото, веднаш била донесена одлука дека мора да биде убиена“.

 Во многу случаи таткото или дедото наредбата за убиство на „нечесното“ девојче ја даваат на нејзиниот брат или роднина. По убиството, тие преземаат одговорност или го помилуваат сторителот.

„Кај голем број таканаречени „убиства поради чест“, нема тужба од обвинител или старател. А убиецот за брзо време се пушта на слобода, со согласност на двете страни“, опишува Голахосеинпур. Ниту она не живее во Иран, туку во САД.

„Бегството или киднапирањето на Ромина, најверојатно, немаше да заврши со нејзиното убиство, доколку таа и нејзиното семејство живееле во еден голем град“, додава Голахосеинпур.

 Конзервативен отпор на реформите

Судбината на Ромина го вознемири иранското општество, а не само корисниците на социјалните мрежи. Речиси сите ирански весници објавија за убиството на четиринаесетгодишното девојче. Иранскиот претседател, Хасан Рохани побара од неговиот кабинет конечно да се погрижи за правната реформа со цел да се казни построго  насилството во иднина, во име на наводната „семејна чест“ .

Но, Рохани многу добро знае дека конзервативното иранско судство ги отфрла предлог законите што треба да ги штитат жените од семејно насилство. Овие закони „копираат западни решенија“ и нивните цели се во спротивност со основните принципи на исламот – тоа се аргументите на конзервативните кругови во Иран.

За смртта на Ромина не се виновни исламските вредности и закони, туку приврзаниците на „Агендата 2030“ на Обединети нации, со која сакаат да се постигне рамноправност меѓу половите, тврди Кобра Касали, член на влијателниот Совет за култура и социјални прашања за жените и семејството.

Тоа тело е директно подредено на духовните водачи во Иран. Советот веќе 35 години работи на воспоставување наводна исламска култура и вредности во иранското општество и жестоко се бори против развојните цели на ОН до 2030 година, затоа што тие, меѓу другото, охрабруваат сексуално образование, како и еднаквост меѓу девојчињата и момчињата. Конзервативците имаат и свој „предлог за решение“ кој гласи: омажете ги девојчињата, што помлади, толку подобро. ки/сд/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Шекеринска ги обедини СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во чест на историскиот успех

Македонски автобус вечерва се излизга од автопат и удри во банкина во Србија

Мицкоски: Се надевам дека деновиве ќе имаме друга позиција од банките, целта е што пониска камата за бизнисот