Оркестарот на Филхармонија ќе одржи концерт во четврток насловен „Поле за игра“ на која како солистка ќе настапи виолинистката Ајман Мусахоџаева од Казахстан.
Диригент е Сашо Татарчевски, а на програмата се Концертот за виолина и оркестар од Менделсон и Симфонијата број 96 „Чудо“ од Хајдн
„Музиката на германскиот композитор Феликс Менделсон (1809-1847) е совршен микс на класичната пропорционалност со романтичарската жестокост. Неговиот музички стил е оригинален, но не и радикален. Концертот за виолина и оркестар во е-мол, оп.64 е едно од најпознатите негови дела и еден од омилените во солистичкиот репертоар. Станува збор за големо оркестарско дело кое Менделсон го пишувал шест години. Му го посветил на Фердинанд Давид, близок пријател и концерт мајстор во оркестарот во Лајпциг. Додека го пишувал бил во постојан контакт со Давид кој му дал многу сугестии. Овој концерт е еден од најизведуваните дела во виолинскиот репетоар, и бил инспирација за многу други композитори“, се вели во најавата за концертот.
Виолинистката Ајман Мусахоџаева од Казахстан е на листата на исклучителни музичари на 20 -тиот век која ја направи Енциклопедијата на универзитетот во Кембриџ, а од биографскиот центар на овој угледен универзитет ја доби и титулата „Интернационален уметник за 2003 година“. Мусахоџаева е и „Уметник на мирот“ на УНЕСКО, а наградена е од претседателот на Италија и од Ватикан за своите уметнички достигнувања.
Свири на виолина „Страдивариус“ од 1732 година.
Сашо Татарчевски е роден во Битола каде се здобива со основно и средно музичко образование. Дипломира и магистрира на ФМУ Скопје на катедрите за хорско и оркестарско диригирање а посетува и мајсторски курсеви во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Санкт Петербург и Сартеано.
Настапувал со различни ансамбли вклучувајќи ги Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Симфонискиот оркестар на ИКО – Рим, Симфонискиот оркестар на Ермитаж од Санкт Петербург, Битолскиот камерен оркестар, Битолската опера, Симфонискиот оркестар на Битолско културно лето, Солисти на ФМУ, Симфонискиот оркестар на ФМУ, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „КонТемпора“, Мандолинскиот оркестар при МКЦ и други камерни и симфониски состави. Во моментов работи како професор на ФМУ по група предмети од областа на диригирањето и диригент на симфонискиот оркестар и мешаниот хор „Драган Шуплевски“, како и уметнички раководител на Женскиот младински хор при МКЦ и професионалниот мешан хор „Про Арс“.