Говорејќи на дебатата на Генералното собрание на ООН, српскиот претседател Александар Вучиќ ѝ се заблагодари на Русија за помошта во борбата против пандемија на коронавирус во земјата, пренесува ТАСС.
„Морам да им искажам голема благодарност на нашите европски партнери, на нашите кинески пријатели, како и на нашите руски пријатели“, рече српскиот претседател.
Тој, исто така, изрази благодарност до Светската здравствена организација, додавајќи дека Србија им пружила помош и на другите земји. Српскиот претседател рече дека неговата земја е горда на своите посебни односи со Кина и Русија.
„Полноправното членство во ЕУ е надворешнополитички приоритет на Република Србија. Сепак, нашиот европски пат не ја исклучува посветеноста кон развој на соработката и продлабочување на односите со земјите од сите региони“, рече српскиот лидер.
„Ние ги цениме партнерските односи со западните земји, пред се поинтензивната соработка со САД, но во исто време сме горди на исклучителни односи со Руската Федерација и со Народна Република Кина. И, како што можете да видите, не го криеме тоа, ние сме многу горди на нашите пријателства“, додаде тој.
Србија побара помош од Русија во борбата против Ковид-19 претходно годинава. На 3-4 април, во Србија пристигнаа 87 руски војници, вклучително и воени медицински лица, виролози, специјалисти за радијациска, хемиска и биолошка заштита, како и специјална медицинска опрема, заштитни средства и шеснаесет воени возила.
Помеѓу 3 април и 18 мај, руските единици спроведоа целосни санитарни мерки во социјалните установи во повеќе од 40 српски места. Дезинфицирани беа повеќе од 376 згради со вкупна површина од 1,685 милиони квадратни метри и околу 500 килоеметри автопати и патишта. Осум медицински тимови испитуваа и лекуваа 881 пациент со коронавирус.