Србија нема да стане дел од колективната антируска хистерија, изјави министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичкото движење, Александар Вулин, додавајќи дека веќе е седми ден во кој Србија покажува дека е единствената слободна земја во Европа.
„Слободна земја предводена од слободен човек. Не застанавме во став мирно да ја слушаме наредбата на НАТО, не воведовме санкции кон Русија. Нема да одземаме имот од Руската Федерација, нема да ги избркаме руските деца од училиштата и Русите од ресторани, нема да забраниме ниту еден руски медиум“, рече Вулин, а објави Социјалистичкото движење.
Коментирајќи го притисокот врз Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ поради невоведувањето санкции кон Русија, Вулин посочи дека Србија нема да стане дел од колективната антируска хистерија и додаде дека Вучиќ е последниот слободен лидер кој помалку се грижи за својот живот, а повеќе се грижи за печатот кој ќе го остави во историјата.