Скопје, 23 март 2020 (МИА) – Вечерва од 21 часот втора ноќ по ред почна полицискиот час односно забраната за движење на граѓаните во ноќните часови како мерка за заштита на населението и справување со коронавирусот.
Владата, како што информира вечерва премиерот Оливер Спасовски, одлучи полицискиот час да се помести од 21 до 05 наместо до 06 часот.
Дополнителни мерки се воведени за младите до 18 години и постарите од 67 години. Се забранува движењето на младите до 18 години од 21 до 12 часот, а на постарите од 67 години од 11 до 05 часот следниот ден. Тоа значи дека младите до 18 години ќе можат да се движат од 12 напладне до 21 часот, а возрасните над 67 години од 05 до 11 часот претпладне.
Тоа е направено за да не се поклопуваат овие две возрасни групи, младите како преносители на коронавирусот, а повозрасните како најризична категорија граѓани.
Со полицискиот час не се опфатени припадниците на МВР, АРМ, противпожарните екипи и лицата од комунална хигиена кои моментно работат во смени, а за медицинските лица ќе бидат обезбедени специјални легитимации.
Полицискиот час нема да се однесува и на лицата кои имаат потреба од итна медицинска помош, лицата кои се во животно-загрозувачка состојба и лицата кои одат на дијализа. Тие ќе може да бидат придружувани исклучиво од најмногу две лица. Ако поради итноста на здравствената состојба возилото биде запрено од полициска придружба, дополнително ќе се евидентира и провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравстевната инстуиција преку приложување на медицинската документација по завршување на медицинскиот преглед.
За време на полицискиот час се ограничи и бројот на дежурни аптеки во градовите. Во аптека може да одат само лица кои имаат потврда дека претходно биле на лекарски преглед. Се ограничи и бројот на такси возила. Тие ќе може да превезуваат патници само кон болнички установи или аптеки. Таксистите притоа, ќе мора да имаат заштитна опрема – маска и ракавици.
За време на полицискиот час е забрането движење и на возила од јавен превоз. Дежурни екипи на ЕВН, Водовод и канализација, Телекомуникации служби и Топлификација, пак, смеат да се движат само по претходна најава на 192 (МВР).са/