Филмот „Врба“ во режија на Милчо Манчевски ќе има шпанска премиера на еден од најголемите фестивали во Шпанија, во Валенсија (Mostra de Valencia).
Во рамките на фестивалот во Валенсија, кој ќе се одржи од 22 октомври до 1 ноември„Врба“ е селектиран во главната селекција за награди на фестивалот.
Меѓу другото, во официјалната покана за „Врба“ од селекторите на фестивалот се вели:
„Го гледавме филмот и воодушевени сме од автентичниот и деликатен режисерски пристап, како се раскажани приказните на трите хeрoини, кои се соочуваат со различни аспекти на мајчинството и начинот како авторот ги трасира животните патишта на ликовите, притоа раскажувајќи ја непретенциозно приказната“.
„Врба“ се прикажува и на 26. Сараевски филмски фестивал, кој ќе трае до 21 август и претставува еден од најголемите и најзначајни филмски фестивал во регионот на Југоисточна Европа. На годинашниот фестивал, кој се одвива онлајн поради пандемијата со ковид-19, има 14 програми и на фестивалот се прикажуваат 187 филми од 56 земји од светот.
На крајов од месецов, „Врба“ ќе ја има и кинеската премиера, во престижната конкуренција за награди на Филмскиот фестивал во Пекинг.
„Врба“ го започна своето патување со светска премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше забележан со исклучително позитивни критики. По македонската премиера, филмот играше в кино два и пол месеци и ги сруши рекордите на гледаност. „Врба“ беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, Синеквест во Калифорнија, Сараево, Софија, и други.
„Врба“ ја освои и наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.