Утрински Весник
Култура

„Врба“ на Милчо Манчевски во трката за европски Оскар

„Врба“ со номинација за најдобар меѓународен филм, Манчевски за најдобар режисер на фестивал во Лондон

Европската филмска академија (ЕФА) денеска ја објави одлуката да го вклучи „Врба“ на Милчо Манчевски во селекцијата за најдобар филм на 33. Европски филмски награди.

За филмовите во селекцијата за најпрестижната европска награда, што е позната и како европски Оскар, ќе гласаат над 3.800 членови на Академијата и ќе изберат по пет номинации во пет категории: најдобар филм, режисер, актер, актерка и сценарио.

Номинациите ќе бидат објавени на 7 ноември на фестивалот во Севилја, Шпанија.

Годинава доделувањето наградите на Европската филмска академија ќе се одржи во Рејкјавик, Исланд на 12 декември. Во селекцијата на ЕФА годинава се 38 филмови.

Ова е втор пат филм од Манчевски да влезе во селекцијата за европските филмски награди, во 2011 година селектиран беше и неговиот „Мајки“.

„Врба“ е добитник на наградите „Хосе Оливеира“ на Фантаспорто во Порто, за најдобар филм на Велингтон, Нов Зеланд, се прикажа и на фестивалите во Талин, Тајпеј, Пекинг, Истанбул, Сараево, ФЕСТ во Белград, Синеквест во Сан Хосе, Клуж-Напока, Бенгалуру во Индија… „Врба“ неделава ќе го отвори фестивалот во Софија, а ќе го затвори фестивалот во Тирана. Номиниран е и за најдобар меѓународен филм и за најдобар режисер на Рејнденс во Лондон.

„Врба“ ги раскажува приказните на три мајки во средновековна и современа Македонија. Играат Сара Климоска, Наталија Теодосиевска и Камка Тоциновски, директор на фотографија е Тамаш Добош, монтажата е на Николас Гастер, продукцискиот дизајн е на Дејвид Манс, а музиката е од Кирил Џајковски.

Филмот е македонско-унгарско-белгиската копродукција со учество на Албанија, а продуциран е од Јане Ќортошев и легендарниот британски продуцент Ник Пауел.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“