Утрински Весник
Економија

Вработените во „Жито Прилеп“ два месеци не зеле плата и не знаат што се случува со нивната фирмата

Вработените во „Жито Прилеп“ два месеци не зеле плата и не знаат што се случува со нивната фирмата

Прилеп, 17 април 2020 (МИА) – На стотината вработени во прилепскиот најголем производител на леб „Жито Прилеп“ од вчера попладнето им беше забранет влезот во фирмата иако вработените, покрај проблемите со неисплатените плати за февруари и март протестираа, но решија да им излезат во пресрет на граѓаните за да го произведат основниот прехранбен продукт. Тие се револтирани зашто раководството на фирмата воопшто не им се обратило досега ниту знаат што понатаму.

Според Блаже Димитриоски, вработен во „Жито Прилеп“ никој не им се обраќа да им објасни, нема резултати од Трудовата инспекција каде пријавиле и не знаат што понатаму.

-Трет ден имаме собир на вработените. Досега никој од раководството не ни се обратил ниту знаеме што понатаму. Ниту дали фирмата ќе продолжи да работи или не и дали ќе ни бидат исплатени платите. Вчера попладнето дојдовме зашто и покраја ситуацијата, решивме да произведеме леб за прилепчани да немаат проблем во текот на Велигденските празници. Без разлика на платите и сметавме тоа да го решаваме по празниците. Обезбедувањето не спречи да влеземе во фирмата и ни покажа документ, заверен во полицијата дека сме биле на работа, но надвор од фирмата, изјави Димитриески.

Вработените ја чекаа раководителката да дојде и да им каже што понатаму.

– Сметаме дека сопственикот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски не е правилно информиран за ситуацијата од раководството на фирмата и без причини мислиме дека нас не сметаат за виновни. Се обративме до Трудовата инспекција во Скопје. Рекоа дека на терен ќе дојдат инспектори за да се види ситуацијата, но досега немаме никаква информација дали воопшто дошле, ниту дали е направен записник, изјави тој.

Марјан Димоски, вработен во „Жито Прилеп“ смета дека сопственикот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, кој е во САД, не е правилно информиран за состојбите во фирмата од нејзиното раководство.

-Имаме апел до сопственикот да се обрати до раководството на фирмата, зашто очигледно погрешно му се пренесувани состојбите. Нас работниците нѐ обвинува за оваа состојба, а сметаме, всушност дека раководството е виновно. Раководството не дојде да разговара со нас, да се разбереме, да најдеме решение или да ни порачаа да се стрпиме дека ќе има плата. Ќе се согласевме, зашто ако сме издражале два месеца без плата, ќе издржевме и овие денови. Штета е за фирмата, а тие го оцрнуваат сопственикот. Во фирмата има репроматеријали за работа, тоа не е проблем, рече Димоски.

Вчера, како што кажа тој, е исплатена февруарска плата за вработените во хотелот „Сонце“ чиј сопственик е исто така Џорџ Атанасоски, со најава дека наскоро ќе ја добијат и мартовска плата.

-Значи не се проблем финансите, а нам никој не ни кажува што со платите, вели Димоски. ем/ев/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен

Стојаноски: СДС единствено што остави на државата е долг на идни поколенија

Ангеловска-Бежоска во колумна за „Топ 100 извозници”: Извозот на услуги станува сѐ позначаен двигател на економскиот раст