Утрински Весник
Македонија

Во Штип промовирана книгата „Разводот на брак во европските земји“

Во Штип промовирана книгата „Разводот на брак во европските земји“

Штип, 12 февруари 2020 (МИА) – Македонското семејно законодавство не е реформирано речиси 30 години или од 1992 година. Потребни се динамични реформи во Законот за семејство, оценуваат универзитетските професори Дејан Мицковиќ од Правен факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и Милица Шутова од Правен факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, кои заеднички работea на книгата „Разводот на брак во европските земји“. Оваа книга денеска беше промовирана пред студентите и академската фела на Правниот факултет во Штип.

Шутова вели дека поради зголемувањето на бројот на разводите, но и тоа што нашата земја заостанува со реформите во законската регулатива во поглед на концептите на родителското право, по развој на брак, фокусот на оваа книга е ставен на најдобриот интерес на детето.

– Причина поради која ја избравме оваа тема се последиците што настануваат во поглед на вршењето на родителското право по развод на брак, ставајќи ги во неповолна положба децата и нивните родители во поглед на остварувањето на контакт, вели Шутева.

Универзитетскиот професор Мицковиќ забележа дека идејата да се работи на оваа книга е да се направи сеопфатна анализа на разводот на брак во европските држави и да се спореди со правното уредување на разводот на брак во земјава. Во текот на истражувањето дошле до констатацијата дека македонското законодавство заостанува зад европското.

– Ние го имаме оној застарен концепт дека по разводот на брак, само еден родител практично го врши родителското право. Немаме концепт на заедничко родителство, а уште помалку концепт на поделено родителство, кое се повеќе се појавува во европските држави, пред се во интерес на децата. Од тие причини главната цел на оваа книга е да посочи кои реформи се неопходни во македонското законодавство за да се оствари најдобриот интерес на децата, вели Мицковиќ.

Прашан како го коментира последниот случај со 11-годишното девојче кое е во шестиот месец на бременост, Мицковиќ одговори дека тоа е сериозен проблем во општеството.

– Мислам дека за жал фокусот на општеството во Македонија е на некои други теми, ние сме сведоци дека имаме значајни реформи во разни други области на правото, а семејното право, семејното законодавство за жал некако остануваат на маргините. Бројни се овие проблеми и дилеми со кои се соочуваат малолетниците, ова вие што го споменавте, проблемот и со меѓуврсничкото насилство е посебно изразен, еве имавме примери да бидеме сведоци на такви појави, вели Мицковиќ.

Тој забележа дека токму и во книгата потенцираат дека треба заедницата да се фокусира на оние теми кои се од животен интерес на граѓаните, а како што вели, тоа се пред се брачните и семејни односи. вдј/мс/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Што може да донесе утрешниот Конгрес на СДСМ?

Во Битола санирани проблемите од вчерашното невреме

На „Блаце“ и „Табановце“ се чека од 30 минути до 60 минути