Утрински Весник
Свет

Во Шпанија протести против зголемените животни трошоци

Во Шпанија протести против зголемените животни трошоци

Неколку илјади луѓе денеска излегоа на улиците на Шпанија за да протестираат против поскапувањето на храната, енергијата и горивата поради војната во Украина.

Во поголемите градови низ земјата се одржаа протести на покана на екстремно десничарската партија Вокс. Во Шпанија има се поголемо незадоволство во општеството поради зголемените трошоци за живот, а многу домаќинства мака мачат да ги платат сметките.

Во Мадрид демонстрантите вееја шпански знамиња и повикаа на оставка на владата на социјалистичкиот премиер Педро Санчез.

„Ја имаме најлошата можна влада. Тоа не е ни влада, тоа е фабрика на мизерија која ги ограбува и им зема голем данок од работниците“, рече еден од демонстрантите.

Некои демонстранти веруваат дека владата ги зголемува цените на струјата и гасот, наведувајќи ја војната во Украина.

„Тоа е лага, така беше и порано“, изјавија тие за францускиот печат.

Минатата година цените на енергијата се зголемија за 72 отсто во Шпанија, што е едно од најголемите поскапувања во Европската Унија, а трошоците дополнително се зголемија по руската инвазија на Украина.

Шпанските возачи на камиони во понеделникот штрајкуваа на неодредено време поради цената на горивата. Штрајкот брзо се претвори во повеќе блокади на патиштата и протести.

Синдикатите повикаа на штрајк низ цела Шпанија на 23 март.

Можете да прочитате

Три сестри на возраст од 9, 11 и 17 години се удавија во Средоземното Море

Силна бура предизвика штети во централна Словенија и Љубљана

Украина со дронови ги нападна Москва и Санкт Петерсбург