Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава изнесува 1.045 и има околу 300 празни болнички кревети во ковид центрите, информираат од Министерството за здравство.
Во изминатото деноноќие во сите ковид центрите во болниците низ земјава се пријавени вкупно 631 пациент на лекување, позитивен и суспектен на корона вирусот, соопштуваат од ова министерство. Според извештаите од болниците, во Битола се хоспитализирани 44 пациенти, во болницата во Штип има 57 пациенти, на инфективното одделение во Тетово лежат 36 пациенти, во Велес се лекуваат 35 болни, а во Куманово 95 пациенти позитивни и суспектни на ковид-19. Во ковид центарот во Охрид се 65 пациенти, во Прилеп 72, во ковид центарот во Гостивар 35, а во Струга има 36 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 61 пациент, во Кочани 19, во Кичево 20, Кавадарци 36, во Гевгелија 19 лица, а во Дебар 6 позитивни лица, суспектни на корона вирусот.
„Бројките се менуваат од час во час, според направените приеми и исписи на пациенти. Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород и доколку има потреба, капацитетите на ковид одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, соопштија од Министерството за здравство.