Утрински Весник
Македонија

Во Прилеп ред прави и Армијата, а се зголемува улогата и одговорноста на Општинските кризни штабови

Во Прилеп ред прави и Армијата, а се зголемува улогата и одговорноста на Општинските кризни штабови

Прилеп, 13 април 2020 (МИА) – Со новите три случаи бројот на заразени од коронавирусот во Прилеп достигна 75. Двајца се починати. Прилеп побара и веднаш доби помош од Армијата и од изутрината 15-тина припадници на Армијата го одржуваа редот пред маркетите и банките. Освен тоа, за почитувањето на мерките, Општината постави налепници „Стој овде“ пред овие објекти.

-Армијата им излегува во пресрет на локалните самоуправи, а општинските кризни штабови во оваа фаза на кризата се клучни и ја добиваат владината поддршка, констатираа вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска и вицепремиерот за европски прашања и шеф на Централниот кризен штаб, Бујар Османи при денешната посета на Прилеп.

Тие учествуваат на попладневниот состанок на Прилепскиот кризен штаб за евентуални дополнителни мерки за заштита на граѓаните.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, на Прилеп во овој момент му е потребна помошта од Армијата и ја доби, 15-тина припадници на Армијата денеска правеа ред пред банките и маркетите.

– Тоа што вчера го побарав веднаш ни беше излезено во пресрет како помош во спроведувањето на препораките и одлуките од Владата и од Министерството за здравство. Ја добивме помошта од Министерството за одбрана и од Прилепската касарна и од изутрината од 8 часот се на располагање 15-тина припадници на Армијата, таму каде имаше потреба: пред маркетите и експозитурите на банките. Освен тоа, локалната самоуправа постави налепници „Стој овде“ пред маркетите и банките и граѓаните почнаа да се придржуваат кон тоа. Присуството  на Армијата граѓаните го почувствуваа како загриженост, безбедност и сигурност. Наредните денови тоа ќе го правиме таму каде има потреба. На седницата на Кризниот штаб ќе дискутираме за евентуални дополнителни мерки, изјави Јованоски, апелирајќи да нема собирања наредните денови.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, изразувајќи сочувство за починатите од Прилеп, рече дека почна поддршката на Армијата за сигурноста на граѓаните и тоа на дело во Прилеп е ефикасно и посочи дека ќе им излезат во пресрет на сите општини.

-Денеска сме во Прилеп да ја покажеме нашата поддршка и солидарност и како држава во криза покажуваме како е да се реагира брзо и ефикасно. Веднаш излеговме во пресрет на барањето на градските власти во Прилеп и веќе од изутрината сликата во Прилеп беше поинаква. Уште од петокот ги почнавме сите подготовки за касарните во државаа да обезбедат поддршка во општините каде се бара. Денеска може да се види дека и во Куманово и во Прилеп, Армијата презеде активности со кои ја поддржува општината, но, пред се, влијае на одржувањето на сите мерки за сигурност на граѓаните во секојдневниот живот. Но, најбитно е препораките да се почитуваат. Присуството на припадниците на Армијата не е да создаваат страв, но почитта што ја уживаат кај граѓаните е да се создаде ред. Прилеп е можеби прва општина во државава која можеби на многу прегледен начин ги обележа местата каде им препорачува на граѓаните да стојат во редиците. Денеска првичното учество на Армијата е со првични бројки и со Генералниот штаб сме тука да се договориме за понатамошните чекори. До среда ќе знаеме која општина какава поддршка бара. Но, најбитно е да се почитувата мерките за безбедност и препораките, рече Шекеринска.

Таа потенцира дека економијата не смее да запре.

-Пораката која Главниот штаб ја испрати препорака до стопанските комори и до бизнисите е во следниов период да се приспособиме на нови начини на работа: соодветна дистанца помеѓу граѓаните, мерки за безбедност. Сметам дека најголемиот број граѓани ги почитуваат мерките за безбедност, изјави Шекеринска.

Да нема изненадување, додаде Шекеринска, ако припадниците на Армијата бидат во парковите или на излетничките места да се направи ред во почитувањето на препораките за заштита.

Вицепремиерот и шеф на Централниот кризен штаб Бујар Османи објасни дека сега се зголемува улогата на општинските кризни штабови кои ја имаата поддршката на Владата.

-Општинските кризни штабови имаат се поголемо значење при локалното ширење на заразата. Сите механизми на Владата се во спрега да им се помогне на општинските штабови, во координација со експертите од Министерството за здравство за што побрзо да излеземе од оваа состојба и да ја локализираме пандемијата, изјави Османи.

Според Османи, има неколку набавки на респиратори со странска помош. Една од првите набавки беше преку Норвешката амбасада за 25 респиратори купени во Кина, но пратката Турција ја презеде. Сега Норвешката амбасада објави нов договор за купување респиратори преку нова рута за да дојдат директно од Кина во Скопје.

-Конкретна информација се очекува во текот на денешниот, или утрешниот ден. Другите набавки се одвивааат според планираното. Деновиве очекуваме конкретна информација за набавката од ЕУ, рече Османи.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески објасни дека деновиве ќе се асфалтира патниот правец Градско-Прилеп. ем/рп/

 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

ЛАДНИОТ ЦИКЛОН СЕ ПОБЛИСКУ ДО НАС: Ќе донесе многу дожд, снег, и снежна покривка од над 60 сантиметри!

Состојбата во Буџетот која што ја наследивме беше алармантна, рече Мицкоски со барање ЈО да го истражи работењето во РЕК Битола оти долгот бил 5 милијарди денари

Лукаревска до Мицкоски: Граѓаните се гушат, каде ви е планот за чист воздух?