Нови седум заболени од корона вирусот во Прилеп. Евидентирани се и првите два случаја на новозаболени во двете соседни рурални општини, и тоа во Долнени (с. Заполжани) и Кривогаштани (с. Боротино). Во Прилеп досега вкупно 124 лица заболеле од Ковид-19. На инфективното одделение во градската болница „Борка Талески“ се хоспитализирани 19 граѓани, од нив двајца се со кислородна поддршка, останатите засега имаат стабилна клиничка слика.
Прилеп од денеска живее со новите мерки пропишани од Владата, усвоени од општинскиот Кризен штаб, којшто се грижи за нивна целосна имплементација. Банките ја почитуваа пропишаната мерка, граѓаните го држат неопходното растојание од 2 метра. Полицијата ги зголеми патролите низ градот, ќе се користат мегафони за да нема собири на повеќе од петмина граѓани по паркови и на други места како што беше случај досега.
Општината дели бесплатно заштитни маски на граѓаните во центарот на градот, како и на пензионерите по урбаните единици.
– Само денеска во Прилеп преку волонтери, во урбаните заедници, преку пензионерските клубови ќе бидат распределени бесплатно околу 30.000 заштитни маски, исто толку се поделени од појава на корона пандемијата во Прилеп. Уште 10.000 заштитни маски имаме во моментов на располагање, што значи вкупно 72.000 маски досега на Општина Прилеп и донираа општествено одговорните фирми и граѓани. И што е побитно, нивната желба, хуманост продолжува. Морам да го истакнам овде стопанственикот Горан Илијоски којшто прв ја почнаа оваа хуманитарна акција за Прилеп – изјави градоначалникот Илија Јованоски.
Околу 100 вработени од фирмата „Гифти текст“, како и од двете други компании “Фешн линк“ и „Стан МК“, досега изработија околу 100.000 маски. Општествена одговорност покажуваат и многу други фирми. „Витаминка“, „Прилепска пиварница“ и други компании даваат свој придонес во ублажување на последиците од кризата. Донираат семејства, граѓани-поединци и медицински лица за да им помогнат на своите колеги. Градот почнува да се солидаризира во борбата против корона вирусот.