Пехчево, 13 мај 2020 (МИА) – Оздраве уште еден пациент со коронавирус во Пехчево. Поранешниот лекар во пензија кој сакајки да ја покаже својата несебична хуманост и даде свој придонес во справувањето со Ковид-19 пред повеќе од две недели се зарази и стана вториот позитивен на коронавирус, а денес тој е без симптоми на болеста.
Од здравствениот дом во Пехчево информираат дека пациентот е во добра состојба и наскоро се очекува целосно негово оздравување.
– Денешната добра вест која ја соопштија и од Министерството за здравство е дека вториот пациент со Ковид-19 е оздравен со што бројката на активни случаи во нашата општина изнесува еден пациент. Според наши сознанија пациентот е во добра општа состојба и се очекува наскоро и тој да влезе во статистиката на оздравени пациенти, информираа од Здравствениот дом од Пехчево.
Во околните градови во пијанечко-малешевскиот регион, еден активен случај има во беровското село Владимирово.
-Откако беше објавен првиот случај на коронавирус во Берово, лицата кои биле во контакт со заразената се тестирани и засега за среќа нема нови случаи на појава на вирусот во нашата општина, информираа надлежните.
Единствениот смртен случај во четирите општини на крајниот Исток е регистриран во Делчево. Станува збор за пациент кој иако на последните два теста бил негативен на коронавирус, имал тешка здравствена слика по што починал. вс/ев/