Наместо со возови и автобуси како што се патува низ цела Европа, нашата земја е меѓу ретките во која такси-превозот пополека постанува главно средство за превоз во меѓуградскиот превоз. Податоците на Државниот завод за статистика за 2019 година покажуваат дека возовите и автобусите се сè помалку атрактивни за патниците, па така таксистите го земаат приматот и во превозот меѓу градовите.
Со такси-превоз во меѓуградскиот сообраќај лани биле превезени дури 5.102.000 патници. За разлика од нив, со меѓуградски автобуски превоз во 2019 година патувале 5.827.000 патници, додека железничкиот сообраќај лани го користеле само 549.000 патници. Статистичките податоци за целата измината деценија покажуваат дека превозот со такси возила меѓу градовите вообичаено се движел меѓу 2 и 4 милиони патници годишно, за драстично да се зголеми во текот на 2018 и 2019 година.
Зголемената доверба во такси-превозот може да се објасни со континуираното намалување на бројот на патнички возови во домашниот железнички сообраќај, како и опаѓањето на квалитетот на автобускиот превоз. Поради неатрактивноста на железницата и неразвиената инфраструктура, патниците се приморани да бираат меѓу автобускиот и такси-превозот. Минатата година се случи автобуската несреќа кај Ласкарци, која пак доведе до зголемување на недовербата кај патниците во автобускиот превоз што веќе беше присутна и претходно поради преполните автобуси на одредени линии и стариот возен парк.
Од друга страна, зголемениот број на патници во такси-превозот придонесува за намалување на неговите цени, кои постепено стануваат конкурентни на другите видови превоз. Таксистите секогаш ги возат патниците до крајната дестинација и за најбрзо време, проблем за којшто „Мета.мк“ веќе има пишувано во неколку наврати. Споделувањето на такси возилата за патувања меѓу блиските градови е пракса која што сè почесто ја користат нашите граѓани.
Сепак, ваквиот тренд во нашата земја е далеку од искуствата во земјите-членки на ЕУ, каде што се стимулира користењето на масовниот превоз за јавен транспорт. Такси-превозот превезува мал број на патници, поскап е, при што бројот на превезени патници во еден воз е еквивалентен на бројката на граѓани кои можат да патуваат во десетици такси-возила. Како резултат на ова, се зголемува аерозагадувањето, расте сообраќајниот метеж низ градовите и ризикот од сообраќајни несреќи, додека се намалува и бројот на достапни паркинг места во населените места.