Британската полиција денеска објави дека во Лондон растурила свадба со скоро 400 гости, организирана и покрај забраната за собирање на голем број луѓе поради пандемијата од Ковид-19.
Според строгите мерки воведени на почетокот на годината, свадби можат да се прават само во исклучителни околности и допуштено е собирање на само шест лица.
Но, полицијата пронашла стотици луѓе во училиште во Стемфорд Хил во северен Лондон. Прозорците биле покриени така што не можело да се види што се случува внатре.
Организаторот се соочува со парична казна во висина од 10.000 фунти.
Бројот на лица заразени со коронавирус во Велика Британија вртоглаво се зголеми кон крајот на минатата година по појавата на нов вид на вирусот, што доведе до повторно воведување на карантин, вклучително и строги правила за свадби.
Дневниот број на нови инфекции се намали од скоро 70.000 на 8 јануари, на нешто помалку од 40.000 во последните денови, но властите се загрижени дека многумина не ги следат правилата, па вирусот продолжува да се шири.
Британската министерка за внатрешни работи, Прити Пател, во четвртокот предупреди дека прекршувањето на правилата се казнува со парични казни и најави воведување нова парична казна од 800 фунти за присуство на домашни забави.