Штип, 9 март 2020 (МИА) – Во карбинското село Крупиште во тек е реконструкција на две улици во должина од еден километар. Градоначалникот на Општина Карбинци, Јордан Насев вели дека инвестицијата е над 23.500.000 денари, од кои речиси 20 милиони денари се средства обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка и развој на земјоделството, а од остантите околу четири милиони се од општинскиот буџет.
-Проектот опфаќа реконструкција на две улици во вкупна должина од 976 метри, со широчина на коловозот од шест метри и тротоари од двете страни на улицата со широчина по 1,5 метри, како и изградба на атмосферска канализација во вкупна должина од 1.003 метри, изјави Насев и нагласи дека во моментов градежниот изведувач работи на поставување на тротоарите.
Тој истакна дека со средствата од проектот „Македонија без кал“, од страна на Владата добиваат 670.000 евра, а половина од овие средства ќе се инвестираат во локалниот пат Таринци-Долни Балван. Овој пат, потенцира, е важен не само за поврзување на жителите со новиот експресен пат Штип-Кочани, туку и за обезбедување на квалитетна патна инфратруктура до Индустриската зона.
– Приоритет број еден за општината е реконструкцијата на патот Таринци-Долни Балван да се прошири коловозот, да се стави осветлување и да се направи пешачка патека. Вредноста на овој проект е 300.000 евра, посочи Насев.
Со останатите средства, како што кажа, ќе се изградат улици со комплетна инфраструктура во должина од три километри во селата Долни Балван, Таринци и Карбинци. вдј/вј/