Утрински Весник
Македонија

Во дебарското село Рајчица, одбележан патронот на пред десет години возобновената селска црква

Во дебарското село Рајчица, одбележан патронот на пред десет години возобновената селска црква

Дебар, 15 мај 2020 (МИА) –  Во присутво на мал број верници и неколку сестри од Раичката обител, денеска беше одбележан патронот на пред десет години, возобновената црква „Свети Атанасиј Велики“, попозната меѓу мештаните како „Свети Атанасија-Летни“, во дебарското село Рајчица.

Поради пандемијата со Ковид-19 и мерките за заштита и спречување на проширувањето на болеста, годинава не пристигаа поранешните жители и нивните потомци кои денес главно живеат во Скопје, но и во Охрид, како и оние кои живеат во Дебар.

Црквата се наоѓа во Влаовци, една од четирите маала на селото Рајчица,во која се до шеесетите години од минатиот век, живееле повеќе од 20 семејства а денеска ниту едно. По нивното иселување овој божји храм оставен  на забот на времето речиси целосно беше оштетен.

Благодарение на ктиторот Киро Радоешки, кој потекнува токму од оваа маала, чија душа, како што самиот вели, не можела да се смири се додека не го возобнови разурнатиот божји храм, денеска црквата го има приближно истиот лик, како порано.

Иако на неговите плеќи тежат 86 години тој сепак дојде и на денешното одбележување на патронот на црквата.

-Ќе доаѓам додека ме држат ноѕете,додека ми удира и последниот дамар. Годинава за жал нема многу луѓе, може да се избријат на прстите на едната рака. Го молам Бога да не спаси од оваа неволја што не снајде со вирусот па до година да бидеме многу побројни, како што тоа беше изминатите години. Бескрајно сум им благодарен на сестрите од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ кои помогнаа во
одбележувањето а и за моето доаѓање до тука, изајави Радоешки.

Црквата „Свети Атанасиј Велики“ започнала да се гради на место каде што постоела помала црквичка, во 1868 година, а била осветена во 1875 година. Неколкупати била уривана ,но повторно обновувана. Возобновената црква беше осветена пред десет години. вт/вј/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Петрушевски: Поднесените амандмани се популистички

Општина Струмица ѝ предаде објект на Фондацијата „Елеуса“

Никој не го отворил прашањето дека може без Албанците, вели Меџити за изјавата на Ахмети од Швајцарија