Дебар,19 јуни 2020 (МИА) – Во првото пријавување за упис во прва година, во трите гимназии во Дебарско од 544 ученички места предвидени во Конкурсот, пополнети се само 15 отсто од нив. Според управите на училиштата, пријави со потребните документи доставиле 139 завршени основци, а запишани се 83.
-Во нашата установа за упис се пријавија 93 ученици. Од нив, за настава на македонски 18 и 75 за настава на албански јазик. Запишани се 60, од нив девет за настава на македонски и 51 ученик за настава на албански јазик. Тоа значи дека за паралелките на македонски наставен јазик слободни се уште 127, додека за албански наставен јазик 153 места, изјави за МИА Шабан Алајбегу, секретар на гимназијата „28 Ноември“во Дебар.
За упис во гимназијата „АТА“ во Центар Жупа, според директорот Сабри Асан, се пријавиле 20 полуматуранти – двајца за настава на македонски и 18 за настава на турски јазик. Запишани се 11 од нив – двајца за настава на македонски, што значи слободни се уште 32 места, и девет за настава на турски наставен јазик, каде се слободни 59 ученички места.
-Во СОУ „Маврово Ростуше“ во Ростуше во првото пријавување документи за упис доставија 26 ученици, а запишани се 12. Во нашата установа предвидената квота за прва година е 102 ученика, сите на македонски наставен јазик, што значи дека слободни се 90 ученички места, рече директорот Исмет Абдули.
Управите на трите училишта, во согласност со конкурсните критериуми, очекуваат да биде намален потребниот број поени за второто пријавување. вт/хс/