Гевгелија, 26 мај 2020 (МИА) – Рекреативната патека за пешаци и велосипедисти од Богданци до излетничкото место „Честе јавори“, со должина од 2.650 метри, влезе во завршна изработка, потврдија денеска од надлежната општинска служба.
Од општината изразија надеж дека оваа прва фаза, според договорот со изведувачот на работите градежната фирма „Алфа проект“ од Гевгелија, ќе заврши во договорениот рок кој истекува на почетокот на јуни.
Вредноста на проектот во оваа фаза изнесува 9,8 милиони денари кои се обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
По ова, општинските власти на Богданци веќе најавија втора фаза на проектот, со кој Општината има замисла од сопствениот буџет и фондовите на ЕУ да обезбеди средства за продолжување на патеката за дополнителни два километри кои би овозможиле по неа од Богданци директно да се стигнува до браната „Паљурци“.
– На крај нашата цел ќе биде комплетно заокружување на проектот со хортикултурно уредување и поставување на урбана опрема покрај патеката, поточно на клупи за седење, канти за отпадоци и светилки, велат од Општината. им/сп/