Утрински Весник
Свет

Во април во Љубљана се одржала само една свадба

Во април во Љубљана се одржала само една свадба

Минатата година во Словенија се венчале 6.672 двојки, но поради епидемиолошките мерки тој број годинава ќе биде значително помал, така што само во Љубљана во првите шест месеци имало 200 свадби помалку во однос на ланските 418.

Најкритичен бил април, во екот на епидемијата, кога во Љубљана се одржала само една свадба, во споредба со ланските 60.

„Се проценува дека просечна свадба во Словенија чини помеѓу 8.000 и 10.000 евра, така што може да се процени дека со 200 свадби помалку, останале ’неискористени’ речиси два милиони евра“, објави љубљанско „Дело“.

Поради Ковид-19, најмногу 10 лица можат да бидат присутни на граѓанска свадба, а до 50 на свадба со забава, при што организаторот мора да има список со телефонските броеви на сватовите и да го чува еден месец. Поради коронавирусот, свадбените прослави се претежно на отворено, но сè повеќе свадби се одложуваат, поради што работата на организаторите на свадбите стагнира.

На тоа се жалат и фризерите, козметичките салони, снимателите, превозниците и сите што се потребни за вакви настани.

„Некои двојки веќе имаа сè што е подготвено за свадбата, но тие одложија сè. Меѓу нив се и оние кои го имаа врежано датумот на свадбата на прстените, па го тргнаа. Има многу непријатности кај двојките кои планираа свадба, затоа што сега се во неизвесност за тоа што ќе се случи во наредните месеци“, изјавил за „Дело“ фотограф специјализиран за свадби.

Подготовките за вакви настани траат десет месеци до една година, рече тој.

Извор: makfax.mk

Можете да прочитате

33.000 домаќинства во Франција останаа без струја поради невреме

Писториус: Европа се соочува со долгорочна руска закана

Пет ракети истрелани од Либан врз Израел