Утрински Весник
Свет

Вооружен напад во најстариот германски универзитет, загина млада жена

Вооружен напад во најстариот германски универзитет, загина млада жена

Млада жена е убиена, а три лица се повредени, во нападoт со огнено оружје кој денеска се случи на Универзитетот во Хајделберг.

Ова се нови податоци од безбедносни извори, кои објавија и дека сторителот си го одзел животот.

Полицијата првично објави дека четири лица биле повредени во напад со огнено оружје што го извршил маж кој потоа се самоубил, а една од жртвите починала во болница од здобиените повреди.

„Млада жена почина во болница од прострелни рани“, изјавил попладнево за агенцијата АФП извор од безбедносните сили.

Нападот на најстариот универзитет во Германија бил извршен во амфитеатар и полицијата верува дека напаѓачот дејствувал сам.

„Веруваме дека имало само еден сторител. Сега не гледаме опасност за јавноста“, соопшти полицијата еден час по првите пријави.

Според весникот „Билд“, напаѓачот бил студент и откако повредил неколку лица, го свртел оружјето кон себе.

Неговиот идентитет не е објавен, а истражителите велат дека тој немал верски или политички мотиви.

Германските закони за огнено оружје беа заострени по два напада на училишта во Ерфурт во април 2002 година и во Виненден во март 2009 година.

Полицијата претходно соопшти дека распоредила сили и служби за итни интервенции на местото на настанот, во делот од градот каде се случил нападот.

Универзитетот во Хајделберг е најстариот германски универзитет, основан во 1386 година.

Можете да прочитате

Обилни снежни врнежи во Турција – затворени училишта и спасени стотици граѓани

Хамнеи: Смртна казна за израелските лидери, не само апсење

Петнаесет лица повредени во руски напад врз Харков