Дебар, 30 март 2020 (МИА) – Волонтерите на дебарската Општинска организација на Црвениот крст, по воведувањето на мерките и препораките за заштита од ширењето на коронавирусот, направиле помош – услуга на повеќе од 20 домаќинства.
-Во изминатиот период нашите волонтери извршија посета на повеќе од 20 домаќинства од Дебар, Центар Жупа, како и селата од подрачјето на Мала Река, Гари, Осој и други, на кои им обезбедија соодветна услуга – набавка на храна, средства за одржување хигиена, лекови и слично, како резултат на состојбата со коронавирусот, изјави Исни Телќиу, секретар на дебарскиот Црвен крст.
Додава дека оваа помош – услуга им се овозможува на најранливите групи, стари и изнемоштени лица, лица со попреченост, хронично болни.
-Граѓаните се јавуваат на телефонскиот број 071/223-900 и ги кажуваат своите потреби. Веднаш штом го добијат повикот, екипата се подготвува со соодветна заштитна опрема. Се добиваат потребните насоки и информации и се заминува на терен. Соодветната услуга е бесплатна, а граѓаните сами вршат наплата на намирниците кои сакаат да се набават, објаснува Телќиу.
Волонтерите, исто така, по воведувањето на кризната сосотојба во Дебар и Центар Жупа, распределија храна и облека на лица затекнати во неколку селски населби во регионот, како и кај контролните полициски пунктови.
Тие постојано се на терен во достава и на хуманитарната помош што Републичкиот Црвен крст ја обезбеди за семејства кои се во тешка социо-економска сосотјба. вт/мд/